Европските земји треба да размислат за мерки за намалување на потрошувачката на гас и електрична енергија поради растот на цените и нестабилноста на глобалните пазари, порача европскиот комесар за енергетика, Дан Јоргенсен.
Во писмо до министрите за енергетика на земјите членки, Јоргенсен предупреди на ценовна криза поврзана со проблеми во снабдувањето. Складиштата за гас во Европа се наполнети околу 70 отсто, додека цената на природниот гас на референтниот пазар TTF со недели е над 70 евра за мегават-час.
Меѓу предложените мерки се намалување на потрошувачката на електрична енергија во периодите на најголема побарувачка, ограничување на греењето во јавните објекти и исклучување на непотребното јавно осветлување во текот на ноќта.












