По еден ден откако бројни телевизиски станици го прекинаа своето известување за настаните од Белата куќа, како знак на солидарност и протест поради одлуката на Трамп да им ја одземе акредитацијата на новинарите на Си-ен-ен, Ем-ес-нау и „Политико“, американскиот претседател, Доналд Трамп, се одлучи за бизарен потег. Белата куќа ја лансираше „Трамп ТВ“, откривајќи платформа што емитува стари настани од администрацијата на Трамп.
Според јутјуб-каналот на Белата куќа, „Трамп ТВ“ ќе ги прикажува најдобрите минати моменти и клучните изјави, ќе се емитува 24 часа седум дена во неделата, а ќе се ажурира во реално време. „Трамп ТВ“ го имаше своето прво емитување во понеделникот во 19:00 часот, со реприза на говорот на Трамп на планината Рашмор, на 3 јули. Каелан Дор, заменик-помошник на претседателот и раководител за дигитална стратегија во Белата куќа, објави на социјалните мрежи дека „Трамп ТВ“ ќе ги прикажува „најголемите хитови на администрацијата, нефилтрирани“.
– Печатот, во некои случаи, неточно или воопшто не известуваше за многуте рекордни достигнувања на администрацијата во име на сите Американци – додаде тој.
Сè уште не е јасно дали ќе пренесува телевизијата актуелни настани преку јутјуб-каналот на Белата куќа, откако во преносот во живо на „Трамп ТВ“ им порача на гледачите да „останат информирани и да останат во тек!“
Поранешниот претседател на Здружението на дописници од Белата куќа, Веиџија Џијанг, ја осуди забраната што ја воведе Трамп за одредени медиуми, истакнувајќи во интервју за „Фокс њуз“ дека САД немаат државни медиуми.
– Америка не може да има државна телевизија. Тоа е она што ја прави Америка Америка… затоа што ви требаат независни актери, кои може да бидат набљудувачи. И ако Владата ви покажува само што сака, тогаш мора да се прашате: Што ни недостига?“ – рече таа.
Потегот на Белата куќа го критикуваше и Стефани Гришам, поранешна секретарка за печат на Белата куќа, во текот на првиот мандат на Трамп.
– Знаете кој друг го прави ова? Русија, Кина и Иран, да наброиме неколку… – напиша таа.
Медиумските куќи Си-ен-ен, Ем-ес-нау и „Политико“ објавија дека ја информирале администрацијата на Трамп дека поведуваат судска постапка за одземањето на акредитациите.
– Белата куќа, без претходна најава или соодветна постапка, им ја одзеде акредитацијата на нашите новинари бидејќи не беше задоволна од нашето известување – наведоа овие медиумски куќи во заедничка изјава објавена на мрежата „Икс“, нагласувајќи дека решително ќе ги бранат своите права гарантирани со Првиот амандман од Уставот на САД.
Во знак на солидарност со овие медиуми, известувањето од Белата куќа го прекинаа и Еј-би-си, Си-би-ес, „Фокс њуз“ и Ен-би-си.












