Метеоролозите во моментов расправаат за можното сценарио поврзано со поларниот вртлог, бидејќи, според германски „Билд“, постои можна врска со исклучително силниот феномен Ел Нињо во Тихиот Океан. Иако се нагласува дека повеќето модели засега и понатаму покажуваат дека вртлогот е стабилен, па не може да се зборува за сигурна прогноза, постојат и сериозни предупредувања од метеоролозите во случај поларниот вртлог да се распадне.
Имено, метеорологот Карстен Бранд вели дека, доколку дојде до такво сценарио, ледениот воздух би можел да продре кон југ и со тоа „ледено да ја парализира“ и Европа. За Европа тоа би претставувало значителен леден бран.
Во случај на таков расцеп, временската слика би можела брзо да се промени. Тогаш подолги периоди на мраз, снег и ледени воздушни маси повторно би можеле да станат проблем, особено во втората половина од зимата.
Дури и можниот временски пресврт во октомври се проценува како „исклучително неизвесен“. Како што наведува „Хојте“, сценариото е метеоролошки интересно, но сè уште не е конкретно. Појасна слика се очекува дури кога моделите ќе почнат подобро да се совпаѓаат како што ќе се приближуваме до можниот настан.
Како што неодамна објави „Severe Weather Europe“, нов поларен вртлог сега се формира над Северниот Пол, со брзо стратосферско ладење и пад на притисокот кои веќе се видливи во најновите податоци. Сезоната ја започнува посилно од минатата година, но долгорочните прогнози покажуваат многу поинаков сигнал за зимата 2026/2027.
Новите сезонски трендови укажуваат на забележително забавување на поларниот вртлог околу средината на зимата, со ослабени ветрови и раст на притисокот во стратосферата. Силниот „Супер Ел Нињо“ исто така се развива во Тихиот Океан, што е уште еден фактор кој влијае врз зимскиот развој на поларниот вртлог, пишува „Severe Weather Europe“.
Поларниот вртлог е широка зимска циркулација на воздухот над поларните подрачја. Се состои од два слоја: стратосферски, кој е повисок, посиметричен и постабилен, и тропосферски, кој е понизок и понеправилен поради влијанието на релјефот и системите на воздушниот притисок.
Најновите податоци покажуваат дека ладното јадро над полот се засилува, а притисокот во стратосферата брзо паѓа, што значи дека се формира јасно дефиниран нов поларен вртлог за предстојната зима.
Кон крајот на септември вртлогот би требало да биде нешто посилен од вообичаено за ова доба од годината. Сезонските прогнози на ECMWF и UKMO покажуваат дека вртлогот би требало значително да ослабе околу средината на зимата, отприлика од јануари 2027 година, со слабеење на ветровите и пораст на притисокот во стратосферата.
Тоа е знак за можно нарушување или дури и за таканаречено „изненадно стратосферско загревање“ (SSW), настан за време на кој температурата високо во стратосферата се покачува за десетици степени во рок од неколку дена, нарушувајќи ја целокупната циркулација и овозможувајќи му на ладниот воздух да „побегне“ кон пониските географски широчини, односно кон САД, Канада и Европа.












