Серија полициски акции во Тетово и Гостивар резултираа со приведување на девет лица и заплена на поголемо количество оружје, муниција и дрога. Акциите биле спроведени на 21 и 22 август од полицијата во координација со специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Во Лешок бил приведен 41-годишен маж, кај кого при претрес во домот биле пронајдени карабин, пиштол, воздушна пушка и куршуми од различен калибар.
Во селото Куново, пак, биле приведени седум лица по пријава за пукање и нарушување на јавниот ред и мир.
При претресите во нивните викенд-куќи биле пронајдени ловечки карабини, пушки, пиштол и поголема количина муниција.
Во друга акција во Тетово бил извршен претрес на куќа и работилница, каде биле затекнати три лица, меѓу кои и двајца малолетници. Кај 19-годишникот и еден од малолетниците биле пронајдени бела прашкаста материја, марихуана и две дигитални ваги.
Полицијата пронашла и дополнителни кутии со бела прашкаста материја, како и пари во различни валути.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите, во координација со јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни пријави.











