На граничниот премин Табановце за влез и излез од Македонија се чека околу 40 минути до еден час, додека на Богородица има слични задржувања при излез од државата.
Од АМСМ информираат дека на останатите гранични премини нема подолги задржувања.
Зголемен е и интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини, поради што се апелира на внимателно и безбедно возење.
Возачите треба да ја прилагодат брзината и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, особено на делниците каде постои опасност од одрони.
Посебно внимание се препорачува на патиштата Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.
Во периодот до 1 октомври изменет е режимот на сообраќај кај наплатната станица Преод поради градежни работи на автопатот А4.
Патниот правец Охрид–Ресен преку Галичица е отворен за сите возила до 3,5 тони.
Во тек е и летниот режим со ограничувања за движење на тешки товарни возила над 15 тони во одредени денови и периоди.
Дополнителни ограничувања важат на патот Скопје–Охрид за товарни возила над 7,5 тони за време на викендите, со цел да се избегнат сообраќајни метежи во туристичката сезона.











