Голем успех за македонската кинематографија на 32. издание на Сараевскиот филмски фестивал кој заврши синоќа. Со пет награди се закитија двата македонски филма – „17“ и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на две млади режисерки.
Дебитантското долгометражно остварување на Косара Митиќ „17“ освои дури четири награди, и тоа: Специјална награда за промовирање на родова еднаквост, Синеуропа наградата (Cineuropa Prize), УниКредит наградата од публика, како и една од главните фестивалски награди – „Срце на Сараево“ за најдобра актерка за Ева Костиќ.

Жирито на чело со британската актерка Емили Вотсон во кое член беше и македонската актерка Сара Климоска, во образложението за наградата на Ева Костиќ која ја толкува улогата на Сара во „17“ вели: „Бестрашен настап на сцената на млада актерска надеж. Изведба што е сирова, длабоко доживеана и водена од силен инстинкт. Таа ја исполнува улогата со исклучителна емотивна вистинитост, најавувајќи ја појавата на актерка со редок и моќен глас“.

„17“, кој во Сараево ја имаше својата регионална премиера, од публиката беше поздравен со долг аплауз и со стоечки овации. Остварувањето, инспирирано од вистински настан, ја следи Сара, која се обидува да ја скрие својата бременост од своите соученици во текот на својата матурска екскурзија. Филмот е интимна приказна за траумата, тишината, изолацијата, женската солидарност што суптилно ги истражува темите на тинејџерите и на созревањето. Позитивни критики за режисерката Митиќ и за актерката Костиќ стигнаа и од „Скрин дејли“. Како што пишува во рецензијата на ова британско филмско онлајн списание, „дебитантката Ева Костиќ импресионира во интензивната драма за сексуален напад“.

Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума, пак, ја освои Специјалната награда за младински перспективи (Special Youth Perspectives).
„Филмот нуди автентичен приказ на младоста и на способноста на поединците да дејствуваат во рамките на маргинализирани заедници, како и на нивната слобода да носат сопствени одлуки наспроти традицијата и општествените очекувања. Спротивставувајќи им се на стереотипите преку топла приказна што ги поврзува генерациите, ова е филм што останува во сеќавањето долго по гледањето“, се посочува во образложението на жирито во кое членуваше и македонскиот режисер Георги М. Унковски.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја следи приказната на сестрите од ромско семејство Адела и Зара, кои растат во средина во која економската неизвесност, семејните околности и општествените правила сè повеќе ги ограничуваат нивните избори. Преку нивната лична приказна, филмот отвора теми за женското растење, слободата, солидарноста и за правото на сопствен избор.
„Овие пет признанија уште еднаш го потврдуваат квалитетот, авторската сила и меѓународниот потенцијал на современата македонска кинематографија, како и значењето на континуираната поддршка на Агенцијата за филм за развојот и меѓународната видливост на македонскиот филм“, напишаа од оваа институција на ФБ.
Инаку, на 32. Сараевски филмски фестивал со „Срце на Сараево“ за најдобар филм се закити „Секој пат“ на Сандра Волнер, а наградата за најдобар документарец ја доби „Планина“ на Билјана Туторов и Петар Гломазиќ. „Споредна улога“ на Ана Урушадзе ја доби наградата за најдобра режија, а Адриан Ванчица за филмот „Ти не припаѓаш овде“ на Флорин Шербан беше прогласен за најдобар актер. Документарецот „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски, пак, ја имаше својата светска премиера. (Н.И.Т.)
Фото: Сараевски филмски фестивал












