петок, август 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Западнонилската треска ја шири ризичната карта во Скопје – високоризични 13 зони!

Западнонилската треска ја шири ризичната карта во Скопје – високоризични 13 зони!

Епидемија – 43 заболени, вирусот стигна и во Центар и во Чаир

0

Во Македонија, досега, се потврдени 43 случаи на западнонилска треска, а вирусот првпат е регистриран и кај жители на општините Центар и Чаир, информираат здравствените власти. Паралелно со зголемувањето на бројот на заболени, Центарот за јавно здравје на Скопје мапира нови ризични точки во градот и околината, при што досега се идентификувани 34 ризични подрачја, од кои 13 се оценети како високо ризични.

На пресконференцијата, министерот за здравство, Сашо Клековски, информираше дека контролата се проширува и на птиците, откако во Скопје е пронајден мртов гавран, кај кој е потврден вирусот на западнонилска треска. Станува збор за прв регистриран случај на позитивна птица во земјава. Мртвите птици ги собира Агенцијата за храна и ветеринарство, а нивното тестирање им овозможува на надлежните дополнително да го лоцираат ризикот и да утврдат каде има циркулација на вирусот.

Клековски посочи дека во моментов се работи на идентификување на ризичните зони во соработка со општините, а една од причините поради кои не може да се гледа само административната граница е движењето на комарците. „Комарците не познаваат општински граници, тие се движат од еден до два километри“, изјави Клековски.

34 ризични подрачја, 13 високоризични

Ризичните зони се утврдуваат и со анализа на сателитски снимки, со кои се бараат места каде што има услови за задржување на водата и за размножување на комарците. Досега се идентификувани 34 ризични подрачја, од кои 13 се високоризични. Од ЦЈЗ објаснуваат дека сега фокусот е на конкретните критични точки, а не само на општото прскање против комарци.

Особено проблематични се застојаните води, но и местата каде што има органски отпад што се распаѓа и создава услови за размножување на комарците. Како ризични се посочуваат каналите за наводнување во Скопско Поле, ископите за песок наполнети со вода, но и таканаречените мртви реки, меѓу кои се наведуваат подрачјата околу Серава, Арачиново и Бутел. Ризик има и кај каналите во Јурумлери, Сингелиќ, Илинден, Драчево, Батинци и Студеничани. На листата се и септичките јами, особено кога се наоѓаат во близина на улици, како и гробиштата, каде што во вазните може да се задржува вода. Проблем претставуваат и отпадите со стари гуми, бидејќи гумите задржуваат вода и претставуваат погодна средина за комарците. Ризични се и расипаните хидранти, старите буриња во кои се собира дождовница, како и саксиите и сите други садови во кои водата може да остане застоена. Од ЦЈЗ посочуваат дека прскањето на парковите, само по себе, не претставува ризик доколку се изведува правилно. За разлика од застојаните води, проточните реки се оценуваат како помал ризик, особено ако во нив има риби кои се хранат со ларвите на комарците.

Општините добија задача да ги проверат критичните места

Сега сите општини треба теренски да ја проверат состојбата на својата територија и да ги пријават местата каде што има услови за размножување на комарците.

„Сите општини добија задача теренски да ја проверат состојбата, така на пример, ако езерото Треска нема вода, не е ризик, но ако има лагуна е ризик, така што Општина Сарај е обврзана да ја провери состојбата. Ризичните места ќе се додаваат со геомапирање и ние ќе организираме прскање на тие места“, рече Клековски.

Според него, мерките ќе се спроведуваат независно од тоа дали е прогласена епидемија на целата територија.

„Прогласена или непрогласена епидемија, ние мерките ќе ги правиме на цела територија. Тоа што нема ризик во Чучер Сандево не значи дека граничните точки нема да бидат третирани. Комарците не познаваат граници“, изјави министерот.

Од прес-конференцијата на министерот за здравство можеше да се заклучи дека има разлики во подготовката на општините за борбата со комарците. Додека дел од општините во југоисточниот дел на земјава направиле набавка на средства за дезинсекција за период од три години, скопските општини не обезбедиле таква долгорочна набавка.

Од Центарот за јавно здравје посочуваат дека, во последните десет години, има намалување на бројот на комарци како резултат на прскањето, но сега фокусот треба да биде ставен на конкретните критични точки.

„Сега треба тука да се работи“, беше посочено од ЦЈЗ, со оценка дека ефикасноста на прскањето постои, но дека не може да се постигне доволен ефект ако не се третираат местата каде што се размножуваат комарците.

  „Требаше порано да се почне“

Претставничката од ЦЈЗ, Николина Соколовска, посочи дека, оваа година, земјеното прскање започнало во јуни, а средството што се користи е од германско производство и, според неа, е со загарантиран квалитет.

„Оваа година, земјеното прскање почна од јуни, средството е загарантирано и квалитетно, од германско производство и нема сомнежи. Во однос на теристичката дезинсекција што се прави во вечерните часови, е под надзор и на Градот и на ЦЈЗ“, изјави Соколовска. На прашањето дали со прскањето се започнало доцна, таа оцени дека, во иднина, треба да се почне порано, особено со третирањето на ларвите и на возрасните комарци.

„Сметам дека со теренското прскање за ларви и возрасни треба да се почне порано и да се опфати поголема површина, да се обрне внимание на водените површини, за да не излетаат комарците“, рече Соколовска. Таа нагласи дека средствата со кои се врши прскањето се безбедни за луѓето и се препорачани од Светската здравствена организација.

Министерот, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека во овој момент е веќе доцна за темелно чистење на дел од каналите и дека приоритет е нивното третирање со средства против комарци.

Веќе 10 дена, во неколку периферни подрачја на Скопје, е прогласена епидемија од западнонилска треска, а досега од вирусот кој се пренесува по убод од тигрест комарец, починаа 4 лица. (П. А.)

Се укина епидемијата во Гостивар

Центарот за јавно здравје – Гостивар ја укина епидемијата од зараза од водата за пиење откако веќе нема пријавени случаи на луѓе со стомачни проблеми, соопштија од Министерството за здравство. Во однос на воведениот засилен здравствен надзор за хепатит А и Е и други заразни болести, Клековски одговори дека хепатит не е забележан во Гостивар. „Ние сме во секојдневна комуникација со сите здравствени власти во следење на состојбата бидејќи не е еднаш засекогаш, не е статична и треба редовно да се мониторира“, изјави министерот

Епидемија на гастроентероколит во Гостивар беше прогласена на 19 јули поради зголемен број на пациенти со стомачни тегоби кои завршија в болница. Бројките велеа дека околу 5.000 граѓани побарале лекарска грижа поради стомачни проблеми од водата од градскиот водовод.

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ