Украина со дронови нападнала магацин во сопственост на рускиот онлајн трговец Озон во регионот Самара, објави Ројтерс.

Гувернерот на регионот, Вјачеслав Федоришчев, соопшти дека нападот бил извршен во текот на ноќта и дека бил погоден и индустриски објект.

Според неговите информации, во нападот биле повредени неколку лица, но не беа објавени дополнителни детали за нивната состојба.

Озон потврди дека работата во неговиот логистички центар во Самара е прекината по нападот. Засега не е прецизирано кој индустриски објект бил погоден во истата акција.

Регионот Самара е значаен за руската индустрија и во него се наоѓаат неколку нафтени рафинерии кои претходно беа мета на украински напади. Ова е прв познат напад врз објект на Озон од почетокот на војната.

Во изминатите недели Украина изврши повеќе напади врз објекти поврзани со Вајлдберис, најголемиот конкурент на Озон. Нападите се дел од пошироката украинска кампања насочена кон руската економска инфраструктура.

Киев тврди дека целта е да се намалат капацитетите што Москва ги користи за финансирање и поддршка на воените операции.

ИЗДВОЕНИ