Инфлацијата во Македонија изнесува 2,3 проценти на годишно ниво, што е под просекот во Европската Унија од 2,93 проценти. Цените на мало, според податоците што ги презентираше премиерот Христијан Мицкоски, се зголемени за 1,8 проценти.
Мицкоски направи споредба со 2022 година, кога се соочуваше земјата со двоцифрена инфлација, која во јули достигна 14,7 проценти.
– Денес, во Македонија, практично инфлацијата, односно на годишно ниво, цените се зголемени за 2,3 проценти. А цените на мало, во маркетите, се зголемени за 1,8 проценти. Просекот во Европската Унија е 2,93 проценти – рече Мицкоски.
Тој посочи дека Европската Унија е најголем трговски партнер на земјава и оцени дека разликата во инфлацијата е спротивна од онаа во 2022 година.
– Од онаа Влада во 2022 година, кога ја имавме Владата на СДСМ и ДУИ, кога имавме двоцифрена инфлација, која на моменти стигнуваше и до 20 проценти, нè убедуваа дека била увезена. А тогаш просекот во ЕУ беше двапати помал од инфлацијата кај нас. Сега кај нас е двапати помал од просекот во Европа – рече премиерот.
Мицкоски направи споредба и со земјите од регионот, меѓу кои Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Косово, Албанија, Србија, Романија, Бугарија, Грција и Турција.
Според него, во јули 2022 година Македонија била на деветтото место според висината на инфлацијата меѓу овие земји, додека сега е на второто место според најниската инфлација.
– Тогаш, во јули, инфлацијата била над 14 проценти, 14,7, така нешто. Сега е 2,3 проценти. Тоа е разликата меѓу оваа Влада и таа Влада – додаде Мицкоски.
Тој оцени дека економските услови остануваат сложени поради геополитичките случувања и енергетските ризици. Направи споредба и со 2022 година, кога војната во Украина имаше значително влијание врз светската економија и енергетските пазари, оценувајќи дека актуелните последици од војната со Иран и случувањата во Заливот се уште посериозни.












