Повеќе од 60 отсто од земјоделското производство е уништено од невремето, а земјоделците предупредуваат дека штетите ќе се одразат на понудата на пазарите и на цените на зеленчукот и овошјето. За само неколку минути е уништен целиот труд на земјоделците, а пиперките, доматите, грозјето и јаболката се меѓу најпогодените култури. Производителите бараат помош, додека првите последици веќе се чувствуваат со зголемувањето на цените на пазарите. Само два дена по невремето, доматите поскапеа од 40 на 60 денари за килограм
Силното невреме кое минатата недела го зафати поголемиот дел од државата остави големи последици врз земјоделското производство. Во Струмичкиот Регион, каде што штетите се меѓу најголемите, земјоделците проценуваат дека повеќе од 60 отсто од производството е уништено. Под удар на невремето се најдоа пиперките, доматите, краставиците, грозјето, јаболката и други земјоделски култури, а на терен останаа искинати пластеници, оштетени конструкции и уништени насади.
Земјоделците велат дека за само неколку минути бил уништен трудот вложуван со месеци, а последиците ќе се чувствуваат во наредниот период бидејќи за обновување на производството ќе бидат потребни дополнителни средства.
Освен во Струмица, значителни штети се регистрирани и во Кочани, Радовиш, Делчево, Овче Поле, Гевгелија и во други региони, каде што невремето предизвика оштетувања и на дел од локалната инфраструктура.
– За пет минути, невремето го уништи целиот годишен труд на земјоделците. Ние цело време предупредувавме дека климатските промени се најголемиот непријател на земјоделците, што се докажа и во овој случај. Голем број земјоделски култури страдаат од ненадејните промени на температурите, при што се намалуваат квалитетот и приносите. Последното невреме направи пустош во југоисточниот дел од државата – изјави за весникот ВЕЧЕР Тони Максимов од Националната федерација на фармери.
Уништен е голем дел од градинарското производство, особено пиперките, доматите и краставиците. Кај овошните насади има целосно откорнати стебла, искршени гранки и плодови паднати на земја. Дополнително, големи штети се направени и на оранжериите – искинати се најлоните, а дел од конструкциите се целосно оштетени.
– Зафатени се и дел од лозовите насади, извадени се бетонски столбови кои ги држат стеблата. Уништени се многу стебла и голем дел од родот кај јаболката. Лошо е што невремето дојде во период кога голем дел од овошките се во фаза на зреење и пред берба – додава Максимов.
Тој предупредува дека последиците нема да ги почувствуваат само земјоделците, туку и потрошувачите, бидејќи намаленото производство ќе значи помала понуда на пазарите и можно зголемување на цените.
Само два дена по невремето, според земјоделците, цената на доматите се зголемила од околу 40 на 60 денари за килограм.
И претседателот на Сојузот на земјоделци од Струмица, Ристо Велков, вели дека повеќе од 60 отсто од градинарските култури се уништени.
– Уништени се голем дел од земјоделските култури, особено индустриската пиперка, доматите и корнишоните. Тоа значи дека ќе има повисоки цени наесен, кога треба да се подготвува зимница. Ние одамна алармиравме дека треба да се преземат мерки против климатските промени кои можат да уништат сè – изјави Велков за весникот ВЕЧЕР.
Земјоделците по невремето велат дека штетите се огромни и дека дел од вложениот труд и средства е неповратно изгубен. На социјалните мрежи споделуваат дека, и покрај разочарувањето, мора да продолжат понатаму и да се подготват за новата сезона.
– Сè е отидено, ништо не се враќа. Најважно е да има здравје, до година повторно ќе се сее. Земјоделците мора да се држат, Господ ќе даде од друга страна – пишува еден од земјоделците.
Други посочуваат дека обновувањето на производството ќе бара нови и дополнителни трошоци, особено за замена на уништените пластеници и најлони.
– Сега треба нови најлони. Еден најлон е 100 евра, десет најлони се 1.000 евра. Ќе собереш некој денар, а потоа одеднаш ќе ти отиде најлонот и целиот труд – реагираат земјоделците.
На терен со земјоделците беше и министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, кој најави дека Министерството, заедно со останатите надлежни институции, ќе ги преземе сите неопходни мерки за да им помогне на производителите побрзо да ги санираат последиците од невремето.
Земјоделците треба што поскоро да ги пријават штетите до општинските комисии, кои треба да излезат на терен и да направат процена. Во меѓувреме, општинските служби работат на расчистување и на нормализирање на состојбата.
(А. С.)












