четврток, јули 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРОПАЃАЊЕТО НА ТЕРМИНИТЕ ПРЕКУ СИСТЕМОТ „МОЈ ТЕРМИН“ ПРЕДИЗВИКА ПРОМЕНА: Матичните лекари ќе...

ПРОПАЃАЊЕТО НА ТЕРМИНИТЕ ПРЕКУ СИСТЕМОТ „МОЈ ТЕРМИН“ ПРЕДИЗВИКА ПРОМЕНА: Матичните лекари ќе даваат упати за прегледи кај специјалист само во присуство на пациенти

Избраните лекари се задолжуваат закажувањето на термините да се врши во моментот кога е присутен пациентот и кога лекарот непосредно го креира и го издава упатот, се наведува во дописот на Управата за електронско здравство до избраните лекари. Матичните лекари реагираат дека ќе биде тоа враќање назад и нивно оптоварување

554

Закажувањето термини за прегледи на кај лекари специјалисти да се врши во моментот кога пациентот кој има потреба е во ординацијата на матичниот лекар, а не автоматски преку софтвер, е барањето што е испратено доновиве до избраните лекари од страна на Управата за електронско здравство. До ова доаѓа откако Управата утврдила дека постојат сериозни неправилности при закажувањето прегледи кај лекари специјалисти, што предизвикувало да пропаѓаат голем број закажани термини и создава нееднаков пристап на пациентите до соодветните лекари. Поради ова, Управата упатила допис до матичните лекари во кој се бара закажувањето прегледи да не врши преку соодветни софтвери, туку на поинаков начин.

– Избраните лекари се задолжуваат во рок од 15 дена да ги отстранат автоматското креирање упати и автоматското резервирање упати преку интерни листи на пациенти. Потребно е да ги отстранат сите механизми што овозможуваат креирање упат без непосредно дејство и потврда од избран лекар во моментот на неговото издавање. Се задолжуваат сите избрани лекари веднаш по приемот на овој допис, да престанат да ја користат оваа функционалност и закажувањето на термините да се врши во моментот кога е присутен пациентот и кога лекарот непосредно го креира и го издава упатот – се наведува во дописот на Управата за електронско здравство до избраните лекари.

Во него се додава дека по истекот на двонеделниот рок, ќе се изврши соодветна анализа и проверка.

– Доколку се утврди дека локалното софтверско решение и понатаму ја користи наведената функционалност, ќе биде привремено оневозможен пристапот до „Мој термин“, сè до целосно отстранување на наведените неправилности – се потенцира во дописот.

Ваквото барање од Управата до матичните лекари, со кое практично се бара прекинување на автоматското закажување прегледи на пациенти кај лекари специјалисти, деновиве предизвика и реакција на избраните лекари. Специјалистот по семејна медицина и сертифициран еходијагностичар, Даниела Николовска, деновиве, на социјални мрежи, јавно реагираше за најавеното укинување на можноста програмите што ги користат матичните лекари автоматски да пребаруваат слободни термини за специјалистички прегледи преку системот „Мој термин“. Ваквата одлука, како што оцени Николовска, ќе создаде дополнителен административен товар и ќе ги отежне услугите за пациентите. Таа објаснува дека досегашната опција овозможувала секојдневно автоматско пребарување на слободни термини за пациентите што веќе биле ставени на листата на чекање, по што системот автоматски резервирал термин доколку се ослободело место, притоа посочувајќи дека тоа не било никаква привилегија, туку дека било алатка што овозможувала подобра организација и сигурност дека нема да бидат заборавени пациентите.

Според Николовска, во нивната ординација во моментов има околу 100 пациенти на листата на чекање, а најголемиот дел од нив чекаат контролен специјалистички преглед.

– Ќе ги префрламе пациентите од електронската листа во тетратки. Ќе водиме рачни списоци. Секој ден рачно ќе пребаруваме еден по еден пациент, дали се појавил термин. Ќе чекаме да се отвори некое место и ќе играме брзи прсти за да го фатиме пред да исчезне. Ова не е дигитализација. Ова е враќање чекори наназад – истакнува докторката, притоа нагласувајќи дека матичните лекари не треба да бидат административни службеници, туку да им се посветат на медицинската работа и на лекувањето на пациентите.

Но, директорот на Управата за електронско здравство, Фикрет Шабани, објаснува дека целта на овие промени е максимално да се искористат термините кај лекарите специјалисти, кои досега често пропаѓале поради недоаѓање на пациентите.

– Имаме ситуации во кои од 20-мина закажани пациенти, на преглед кај лекари специјалисти се појавуваат само петмина. Тоа е недозволиво. А причина за тоа е што преку софтверски решенија се врши закажување на прегледи на пациенти од страна на избраните лекари, по што најчесто не се информираат тие пациенти дека им е закажан преглед. Па така, се случува на пациентот да му е закажан термин кај специјалист, а тој во меѓувреме веќе нашол начин да изврши соодветен контролен преглед и закажаниот термин пропаѓа. Односно не го користи некој друг пациент што има потреба за контрола, а не може да добие термин – потенцира Шабани.

Целта е, додава тој, закажувањето термини да се врши на регуларен начин и да бидат информирани пациентите за тоа.

– Избраниот лекар ќе се обиде да му закаже преглед на пациентот во негово присуство, а ако нема расположливи термини на располагање, давање итен упат за итни случаи. Освен ова, избраниот лекар ќе се обидува да закаже термин во наредниот период и да добие потврда за тоа дека е информиран пациентот за тоа дека му е закажан преглед. Термините мора поправедно да се користат – наведува директорот на Управата за електронско здравство. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ