вторник, јули 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Финаниска полиција поднесе кривична пријава против три физички и едно правно лице...

Финаниска полиција поднесе кривична пријава против три физички и едно правно лице за затајување данок – го оштетиле буџетот за околу 4.700.000 денари

26

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против три физички лица, управители и сопственици на едно правно лице, како и против самото правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Даночно затајување“ од член 279 од Кривичниот законик.

Според информациите од Финансиската полиција, пријавените – управители и сопственици на правното лице, во текот на април 2024 година договориле и реализирале продажба на производна линија за кабли во вредност од 14.514.000 денари, но трансакцијата не ја евидентирале во сметководствената евиденција на компанијата.

Од продажбата, како што се наведува во пријавата, дел од средствата во износ од 2.701.189 денари биле префрлени на лични банкарски сметки и сметки на блиски лица, без да бидат заведени во деловната документација на фирмата.

Дополнително, дел од продажбата бил реализиран преку компензација со патничко возило во вредност од 1.537.500 денари и кабли во вредност од 1.516.500 денари, кои исто така не биле евидентирани во документацијата и не биле пронајдени кај правното лице.

Од Финансиската полиција додаваат дека управителот на компанијата не ги отпишал и не ги оданочил неплатените обврски кон домашни и странски добавувачи од 2022 година, во вкупен износ од 17.380.716 денари.

Со овие дејствија, според пријавата, не биле пресметани, пријавени и уплатени данок на додадена вредност, данок на добивка и данок на личен доход, со што Буџетот на државата бил оштетен за вкупно 4.677.362 денари.

ИЗДВОЕНИ