По успешниот концерт во Македонија и пред настапот во Италија!
Легендарниот фронтмен на култниот бенд „Дуран дуран“, во прекрасната Венеција, заедно со Алка се сети на некои oд нивните заеднички екскурзии на морските плажи, кога, како нудисти, пливале голи додека пловеле со јахтата на Сајмон
Летните авантури, споени со настапи, концерти и со другарување, во овој дел од годината се најинтересни за обожавателите на популарните личности, не само кај нас туку и на просторите на поранешна Југославија. Откако неодамна имаше многу успешен концертен настап во Скопје, една од најголемите светски музички ѕвезди и легендарен фронтмен на култниот бенд „Дуран дуран“, Сајмон Ле Бон, помина неколку дена во прекрасната Венеција, во пријателска прошетка со мегапознатата кантавторка на поп-музика, Алка Вуица.
Кантавторката, која честопати знае да биде контроверзна, сега е сосема разголена во онаа позитивна смисла. Таа уживаше во шармот на Сајмон Ле Бон, но и во убавините на Венеција. Со тоа, тие пријатно ги изненадија своите обожаватели. Тие се стари пријатели и никогаш немало ништо повеќе од искрено другарување меѓу нив, без разлика што живеат на различни страни од светот. Престојот во Венеција им помина во интересно другарување, во „прошетки“ по водните улици, возејќи се во гондоли, карактеристични за Венеција, градот што функционира на самото море. Инаку, оваа нивна дружба се реализираше по Македонија, односно пред големиот настап на „Дуран дуран“ во Италија.
Алка и во некои поранешни интервјуа раскажуваше за Сајмон и за „Дуран дуран“. Најинтересно е тоа што се сети на некое нивно заедничко одење на морските плажи, кога, како нудисти, пливале голи на Брионските Острови, додека пловеле со јахтата на Сајмон, „Вајлд Тајгер“. Кантавторката откри и дека фронтменот на „Дуран дуран“ неверојатно ужива во вкусовите на нејзините кулинарски морски специјалитети.
– Сајмон Ле Бон воедно му е голем пријател на Вук Величковиќ, кој му е татко на мојот син. Додека беа на самиот врв од славата, Сајмон се пресели од Лондон во Париз и му беше прв сосед на Вук, мојот поранешен сопруг. Тие двајца засекогаш останаа пријатели, а Сајмон го продолжи пријателството и со мене. Се гледа тоа и според нашите фотографии од атрактивната Венеција – раскажа сè уште згодната и, за многумина, секогаш интересна Алка, чии песни македонската публика уште ги пее: „Лажи, лажи ме, ти то радиш најбоље“, „Од кад те нема“, „Варај, варалицо“, „Воли ме још“, “Нека запјева стара клапа“….
(Д. М.) фото:Инстаграм












