МУЗИЧКО-ПОЕТСКА ДРУЖБА СО БРАЌАТА БАРБАРОВСКИ!
Во Гевгелија се одржа музичко-поетско претставување на браќата Георги и Миле Барбаровски, автори на голем број препознатливи песни инспирирани од народниот дух и традиција. „Песната може сè“ е насловот на една од нивните обнародени песни. И, навистина било така. Таа јунска вечер, кога гевгеличани се дружеа, разговараа и пееја со струмичани, со Георги и Миле Барбаровски, се создаде една волшебна атмосфера
Родени се во село Дабиле, Струмичко. Патиштата, како млади, привремено им се разделуваат. Постариот Георги учи гимназија во Струмица, додека помладиот Миле се запишува во Средно музичко училиште во Штип. Подоцна, Скопје повторно ќе ги спои, но секој од нив останува верен на својата определба. Георги студира книжевност на Филолошкиот факултет, додека Миле запишува Факултетот за музичка уметност. Во 70-тите години на минатиот век, Георги е веќе новинар и ја објавува својата прва книга на поезија „Оган и меч“. Миле се вработува во Македонската филхармонија и паралелно свири во неколку музички групи. Се појавува на музичкиот фестивал на новокомпонирани песни во Валандово и… сето друго е историја, која трае, еве, веќе преку 40 години.
Во Гевгелија се одржа музичко-поетско претставување на браќата Георги и Миле Барбаровски, автори на голем број препознатливи песни инспирирани од народниот дух и традиција. „Песната може сè“ е насловот на една од нивните обнародени песни. И, навистина било така. Таа јунска вечер, кога гевгеличани се дружеа, разговараа и пееја со струмичани, со Георги и Миле Барбаровски, се создаде една волшебна атмосфера. На таков начин се преплетеа музиката и поезијата, што присутните во еден момент понесени на крилјата од песната, радосно пееја во едeн глас, за да потоа, погодени од тажните ноти, да замолчат и да молитвеат во себе.
Дружбата ја отвори м-р Стефан Марковски, директор на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија: „Вечерва се дружиме, освен со убавиот пишан збор, и со музиката, ритамот и мелосот на двајцата браќа, уникатни појави на нашето поднебје, кои своите корени ги наоѓаат во искреноста, длабочината и отвореноста на народниот јазик, на народната музика и на македонската традиција. Тие се два света кои потекнуваат од исто извор.“
Модератори на настанот беа професор д-р Ана Витанова-Рингачева и м-р Сузана Мицева, кои мошне умешно ги поттикнаа браќата Барбаровски на еден мошне пријатен и отворен разговор за нивното творештво уште од самите почетоци, па сè до денес:
„Едниот поет, другиот композитор, тие се ретка појава во современото македонско уметничко творештво, ретка, по бројот на песните што ги создале, ретка по бројот на наградените песни, но ретка и по бројот на обнародените фолк-песни. Нивната дарба, посветеност и знаење овозможија изминативе четириесетина години, колку што заедно создаваат, да се родат такви песни кои станаа дел од нашата колективна меморија. А, некои од нивните песни станаа и неформални химни на Македонците“, истакна Витанова Рингачева.
Георги Барбаровски е писател, текстописец на народни песни, познат и како новинар и редактор во повеќе македонски весници. Завршил книжевност на Филолошкиот факултет. Објавил шест поетски книги: „Око и меч“, „Згром“, „Златен дожд“ и „Совршен лов“, „Пеење и натпевање“ и „Струпки“.
Тој, на почетокот, се присети на врската со Гевгелија уште од младешките новинарски денови, за да го продолжи разговорот за љубовта кон убавиот пишан збор, за неговата фасцинација од имињата од струмичкиот крај и за инспирацијата кога ги создава своите стихови:„Музиката и поезијата се две уметности кои егзистираат и самостојно, но и во симбиоза, како што е случајот со нас двајцата“, рече Георги. „Инспирацијата доаѓа и од многу среќа, но и од многу тага. Можеби мојата дарба за пишување доаѓа од приказните кои мојата мајка ги знаеше на стотина. Зборот“, продолжи тој, „не можеш да го покориш, мора да му најдеш зборно место, да легне. Ако му се спротивставиш, на зборот, тој ќе те направи лош мајстор.“ Посебно ја истакна својата прво објавена збирка песни „Око и меч“, во која се наоѓа и песната „Билјана“, за ослепените Самуилови војници, за која подоцна неговиот брат Миле ќе напише музика. Вековите ропство на македонскиот народ тој успеал да ги канализира во една песна, во која понираат сите човечки таговни чувства:

„Вапцувај море Билјано , вапцувај платно белено, не идат млади карвани, со рујно вино свадбарско, туку ти идат стројници, платното да ти купуват, гости ти идат војници, пред тебе в бол да лудуват, вапцувај црно платното, Самуил така нарачал“.
„Има многу зборови што не смеат да се изговорат во животот, но нема збор што не може во песна да се испее“, напишала познатата фолклорна пејачка и актерка од Романија, Марија Танасе. Друга, пак, поетеса, исто од Романија, ќе каже: „Тоа што можам да го изговорам ќе ме изеде мене, затоа јас ги јадам своите зборови, за тие да останат“.
„Јас се најдов“, вели Георги, „меѓу тие две аксиоми и си реков, ќе ги правам зборовите певливи, бидејќи стремежот на секој збор е да стане музика.“
„Голем благослов е за Македонија што ги има овие двајца свои синови“, ќе каже во своето излагање Сузана Мицева. Тие се посебна појава на македонската поетско-музичка сцена, со малку зборови, а со многу музика можат да нè развеселат, но од друга страна, да нè растажат. Две срца, двајца браќа, бог ги дарувал со толкав талент кој тие го искористуваат за да го даруваат својот народ со она највредното од себе, со љубовта излеана во нивните заеднички песни. А, нив ги има многу: „Заветна“, „Ако згрешам нека изгорам“ и „Гоцевата порака“ во изведба на Пепи Бафтировски, „Дали чекаш стара мајчице“, „Ај да беше стрела песнава“, „Граде мој“ и „Пеам да не заплачам“ на Гоце Арнаудов, „Лична валандовчанка“ на Кирчо Поплазаров, „Ти ме предаде“, „Мала ќе ти е Шар Планина“ на Блага Петреска и „Песната може сè“ со Ефто Пупиноски, „Молитва“ од Виолета Томовска и многу други.
Миле Барбаровски е композитор на популарна музика. Автор е на преку 300 новосоздадени песни и ора во духот на народното творештво. Учесник на сите фестивали што се одржуваат во Македонија, и на кои освоил голем број награди.
На прашањето на модераторот од каде ја откорнува инспирацијата за да создаде една песна, во музиката има само седум ноти, а од нив тој има компонирано преку 300 песни, Миле Барбаровски ќе рече:
„Јас имав одреден талент за компонирање народни песни, можеби од раната младост се таложеле во мене оние тажалки што ги слушав кога ќе поминував покрај селските гробишта во селото Дабиле, којзнае. На почетокот на мојата кариера не беше дозволено на радиото да се пуштаат новокомпонирани песни. Потоа се појави валандовскиот фестивал и одеднаш дојде до наплив на новосоздадени песни. Бидејќи свирев во Филхармонијата, често забележував кога публиката излегуваше од некој концерт, некои од нив си потпевнуваа некое мелодично парче од симфонијата. Затоа велам, кога создавам една песна, мора да има мелодија во себе, за народот да ја запамети. Мелодијата треба да пуштиш самата да излезе од твојата душа, а не со сила да ја туркаш. Јас и Георги создаваме заедно, се консултираме, поправаме, додаваме, за да, на крајот, да излезе онаква каква што сум ја замислил во мојата глава. Добрата песна можеби во одреден момент нема да исплива како хит, туку ќе треба време да помине за да исплива. Таков е случајот и со ’Заветна’.“
Навраќајќи се на годините работа во Македонската филхармонија, но и на искуството со македонските пејачи, како и семејните и селските околности од раната младост, Миле се присети и на оригиналните приказни врзани за создавањето на некои од нивните најпознати песни.

И, што да се рече по сè. Би кажал, во нивни стил. „Песната е да ти каже,што не може душата, песната е да те роди, да те умре пустата“. Георги и Миле, низ животот, и натаму поминуваат многу тивко и мирно и ненаметливо, но од нивните души како од вулкан и понатаму избиваат врутоци од ноти и зборови кои потоа народот ги прегрнува, и стануваат дел од македонскиот фолклор. На крајот на гевгелиското дружење со двајцата браќа чии песни ги слушаме не само со трепет во душите ами и солзиме на нив, присутните со силен аплауз им кажаа едно големо „благодариме“, и посакаа тие повторно да гостуваат во Гевгелија. А, долго во ноќта, по другарувањето со браќата Барбаровски, во моите уши одекнуваа стиховите од песната „Молитва“, за која многу експерти велат дека треба да се најде во сите читанки по македонски јазик:
„Нека расте, о Боже, родот убав мој
Златен дожд од мудрост долго нека пие
Нека биде, о Боже, вечен родот мој
Нека е што не сме ние.“
Љубчо АЛЕКСОВСКИ












