Регистрирани се вкупно 37 пожари на отворен простор изминатото деноноќие, а од нив, три се сѐ уште активни, еден е под контрола, останатите се изгаснати, соопштија од Центарот за управување со кризи.
Од активните пожари, мешана шума гори во општина Студеничани, во регионот на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер. Ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки горат во општина Македонски Брод, место викано „Видуш“, кај село Драгов Дол и кај село Локвица. Третиот активен пожар е на територија на општина Прилеп, во регионот на село Чаниште.
– Со два крака – едниот кон село Зовиќ, а другиот кон село Крушевица. Опожарена е ниска вегетација – појаснија од ЦУК.
Тешка и ризична била борбата со пожарот во непосредна близина на селото Крушевица, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Во изјава дадена вчера на полноќ, Ангелов соопшти дека пожарникарите и останатите екипи на терен успеале да го сопрат ширењето на огнот и да го повлечат под патот.
„Имавме огнена битка во непосредна близина на селото Крушевица, но успеавме да го сопреме и да го повлечеме скроз долу од патот“, рече Ангелов.
Тој посочи дека во еден момент еден од тимовите останал без вода и морал да се повлече за да обезбеди нови количества. Особено ја истакна улогата на возилата „пинцгауер“, како и на нивните возачи кои, според него, одиграле клучна улога во интервенцијата.
„Да не беа ‘пинцгауерите’, ова ќе беше страшна ситуација. Благодарение на храбрите возачи, бивши специјалци“, истакна Ангелов.
Условите за гаснење биле исклучително тешки поради густиот чад и отежнатото дишење, а интервенцијата била проследена и со голем ризик за екипите.
„Многу чад, тешко е за дишење и многу ризик. Но мораме, бидејќи селото е во прашање“, порача Ангелов.
Инаку, според информациите од утрово пожарот на депонијата во Делчево, е под контрола.
Од изгаснатите пожари, два биле на територија на општина Ѓорче Петров, два во регионот на Сарај, два во Штип, по три во Долнени, Кичево и Гостивар, по еден во Аеродром, Арачиново, Могила, Новаци, Радовиш, Струмица, Чашка, како и еден што бил и на територија на Велес и на Зелениково.
Пожарите изгаснале пожари и во Виница, Кочани, Липково, Кратово, Старо Нагоричане, Ранковце, Брвеница, Тетово, Јегуновце.
Горела и мешана шума во општините Јегуновце и Сарај. Прво на територија на селата Копанце и Туденце во општина Јегуновце, а потоа пожарот се проширил и кон селото Бојане во општина Сарај.












