Прилеп е меѓу клучните точки на владините инфраструктурни политики, при што во градот се реализираат и се планираат повеќе капитални проекти, кои треба значително да ги подобрат сообраќајната поврзаност и урбаното живеење. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, порача од Прилеп дека државата дава силна поддршка за развој на градот, со акцент на изградбата на обиколница и модернизација на патната мрежа.
– Општина Прилеп работи на проектирање на обиколница на градот, откако ќе ја проектира, Владата ќе преземе одговорност да ја финансира и да ја изгради. Во меѓувреме, во Прилеп работиме и на голем број инфраструктурни проекти – истакна Николоски.
Тој, заедно со градоначалникот Дејан Проданоски, изврши увид во реконструкцијата на улицата „Кеј 1 Мај“, проект што се реализира преку Министерството за транспорт и со поддршка од Светската банка.
– Овој проект за реконструкција на улицата „Кеј 1 Мај“ е поддржан од Министерството за транспорт, во соработка со Светската банка. Ќе работиме уште два проекти во следниот период, еден е улицата „11 Октомври“, вториот е генерално забавување на сообраќајот, имајќи предвид дека безбедноста е пред сè – изјави Николоски.
Тој додаде дека веќе се во тек и други значајни инфраструктурни активности, дел во реализација, а дел во фаза на подготовка на тендер, нагласувајќи дека Владата останува силно посветена на развојот на Прилеп.
– Одиме со силна поддршка на Општината Прилеп. Сакам да изразам голема поддршка за градоначалникот, за Советот, за претседателката на Советот за она што го работи Општината и интензивно ќе продолжиме со поддршката со цел да се завршат сите инфраструктурни проекти – рече вицепремиерот.
Николоски најави и дека следува период на засилена градежна активност.
– Следниот период ќе видиме една градежна експанзија и да завршиме што повеќе нови проекти. Најважна е обиколницата на градот, за која Општината веќе работи на проектирање. Тоа е едно наше ветување. Кога ќе заврши проектирањето, обврската ќе ја преземе Владата за да најде изведувач и финансии и да се заврши и тој голем проект – нагласи Николоски.
Тој потсети и на веќе реализираните и на тековните проекти на национално ниво, вклучувајќи ги патните коридори што го поврзуваат регионот.
– Завршивме со експресниот пат Градско – Дреново и Дреново – Фариш, ќе работиме од Фариш до Прилеп, се работи на автопатот од Прилеп до Битола. Така што Прилеп е голем фокус, не запираме како што гледате, многу време и енергија посветуваме за Прилеп и така ќе продолжиме во следниот период – изјави Николоски.
Градоначалникот Проданоски од своја страна најави забрзана динамика на тековните проекти, како и нови инфраструктурни инвестиции, меѓу кои и проширување на капацитетите за паркирање, со цел подобрување на урбаната функционалност и поттикнување на локалниот економски развој.












