По повод 1 Октомври, Меѓународниот ден на старите лица, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменковска-Трајкоска, оствари посета на неколку дома на територијата на Општината.
– Во непосреден и срдечен разговор со лицата што го минуваат своето секојдневие во домот за стари лица „Дабески лукс“ и во домот за стари лица „Сонце“, покрај тековните потреби, се споделуваа животни приказни, убави спомени, но и секојдневни размислувања. Низ отворен разговор за нивните навики и за предизвиците со кои се соочуваат, градоначалничката ја истакна важноста на континуираната грижа за овие граѓани, која е на високо ниво во рамките на Општината и потенцираше дека Општина Кисела Вода ќе продолжи со своите заложби за обезбедување уште повеќе можности – соопштија од локалната самоуправа.
Ваквата средба, според Стаменкоска-Трајкоска, претставува прекрасна можност да се поразговара од срце, но и внимателно да се слушнат потребите на повозрасните лица.
– На овие луѓе честопати најмногу им значат самото внимание и убавиот збор, но наша задача е и преку конкретни дела секојдневно да им го олеснуваме животот. Ние, како локална самоуправа, продолжуваме да бидеме нивни стабилен партнер, кој постојано ќе нуди практична помош и сигурност – истакна Стаменкоска-Трајкоска.
Во насока на овие заложби, во Општина Кисела Вода продолжуваат услугите за старите лица: помош и нега во домот, преку Црвениот крст, посебен превоз за старите лица, како и услугата „Итно копче“. Дополнително, континуирано продолжува и поддршката што им се дава на здруженијата на пензионери за нивните активности и за меѓусебната дружба.












