По продавниците хаос со нереални попусти, за граѓаните „блек“, за трговците „фрајдеј“!

И покрај тоа што речиси секаде има попусти, никаде точно не се знае колкав е попустот. На излогот стои дека има попуст 70 отсто, во продавницата ти велат дека попустот е 50 отсто, а на каса ти пресметуваат само 20 отсто попуст. -На производите обично стои само една цена, продавачките ти велат дека попустот е 30 или 50 отсто, а попустот ти се пресметува на каса. Поради тоа потрошувачите треба да земат дигитрон и да пресметаат колку навистина ќе ги чини производот. Наместо тоа треба да стои новата цена со попуст во проценти и во бројки, вели за весникот ВЕЧЕР претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар-Велкова

751

Трговците ги збунија потрошувачите, хаос со попустите и цените. И покрај тоа што речиси секаде има попусти, никаде точно не се знае колкав е попустот. На излогот стои дека има попуст 70 отсто, во продавницата ти велат дека попустот е 50 отсто, а на каса ти пресметуваат само 20 отсто попуст. Но, и покрај тоа што граѓаните од претходните години знаат дека попустите не се реални и речиси и да нема попуст на нови колекции, брендираните парчиња облека и обувки или ако има попуст, тој е минимален, сепак уште од раните утрински часови ги наполнија моловите, а пред некој продавници имаше редици уште пред отворање.

Од Организација на потрошувачи на Македонија апелираат до потрошувачите да бидат внимателни и да не наседнуваат на трговските трикови. Попустите, како што велат од ОПМ треба да бидат изразени и во проценти и во бројки и на производот не треба да има повеќе од две цени. Една стара пречкртана цена и една нова цена со попуст.

Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар Велкова за весникот ВЕЧЕР вели дека кај нас попустите не се како во Америка каде за 10 долари може да се купи телевизор. Кај нас нема реални попусти, туку само некој проценти кои создаваат забуна кај луѓето.

-Во Америка им е поскапо да ги чуваат резервите и да ги ставаат на голема распродажба затоа попустите се толку големи. Ние немаме толкав обрт во трговијата за да си дозволиме толкави попусти. Освен тоа немаме толкави плати и толкава куповна моќ за да може да си дозволиме да купуваме производи кои се на попуст, а кои реално не ни требаат. Добро е што има вакви попусти и што потрошувачите можат да заштедат некој денар со купување на попуст, но треба да бидат внимателни на трговските трикови и да купуваат она што навистина им треба. Декември и јануари се тешки месеци и потрошувачите да не наседнуваат на попустите и да ги потрошат сите пари, вели Лончар Велкова.

Освен во продавниците попусти има и во онлајн продавниците. И тука исто така треба да се провери колкави се овие попусти и да се спореди онлајн и офлајн цената. При купување онлајн, од ОПМ велат дека треба да се внимава на рокот на враќање или замена на производот кој изнесува 14 дена.

-Ако е попустот 70 отсто треба да се види колку е старата цена. Старата цена треба да биде пречкртана и до неа да стои новата цена со попуст. На етикетата на производот може да има само две цени. Старата цена треба да биде 30 дена од сега, не може да биде подолг период. Ако производот се намалувал од јануари тогаш попустот не е 70 отсто, туку само 10 отсто, објаснува претседателката на ОПМ.

Според неа, кај нас постои хаос со попустите и цените. На производите обично стои само една цена, продавачките ти велат дека попустот е 30 или 50 отсто, а попустот ти се пресметува на каса. Поради тоа потрошувачите треба да земат дигитрон и да пресметаат колку навистина ќе ги чини производот. Наместо тоа треба да стои новата цена со попуст во проценти и во бројки.

Од Државниот пазарен инспекторат за весникот велат дека инспекторите се на терен и проверуваат дали попустите се реални.

-Државниот пазарен инспекторат согласно годишниот план за работа во месеците ноември и декември врши надзори согласно Законот за заштита на потрошувачите и Законот за трговија на територијата на цела држава. Кај посетените економски оператори се вршат проверки со посебен акцент на намалувањето на цените во врска со актуелните „Блек фрајдеј“, акции, изјавија од ДПИ за весникот ВЕЧЕР.

Претходно од УЈП апелираа дека сите даночни обврзници кои ќе применуваат попусти на цените на своите производи и услуги за „Црн петок“, имаат обврска да ги изразат и наведат при издавање на сметката, односно, пресметаниот данок на додадена вредност да биде наведен во сметката со новосоздадената цена.

-Даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги а за кои плаќањето се извршува готовински, должни се да поседуваат фискален систем на опрема (ФСО), задолжително да издаваат фискални сметки при вршење на продажба и промет и на видно место, да постават соопштение со кое го информираат купувачот на доброто за неговата обврска да побара фискална сметка – велат од УЈП.

Од Управата додаваат дека потрошувачите се должни да побараат фискална сметка која треба да ја чуваат по напуштањето на местото на прометот на доброто, заради контрола. Секој граѓанин има право и обврска да ги пријави недисциплинираните даночни обврзници кои не ги исполнуваат своите обврски и не издаваат фискални сметки.

Неодамна, Министерството за внатрешни работи на Србија ги предупреди граѓаните да внимаваат и да избегнуваат измами за време на акцијата „Црн петок“. Се повикуваат граѓаните да ги проверуваат веб-адресите и да купуваат само од официјални веб-страници, како и да не „кликнуваат“ на линкови добиени преку електронска пошта или социјалните мрежи.

Оттаму предупредуваат дека информациите за картичките не треба да се испраќаат преку електронска пошта, туку доверливите информации за картичката да останат на веб-страницата, а не во инбокс. Не треба да испраќате фотографии од картичките, бидејќи речиси сигурно е измама ако некој побара да ја фотографирате вашата картичката. Препорачливо е да купувате на локации каде што се потврдени начини на плаќање – само каде што е видлива верификацијата со виза или мастеркард картичка.

„Ако понудата е премногу добра за да биде вистинита, бидете внимателни. Заштитете се себеси и вашите пари, внимавајте на измамниците“, предупредија од српското МВР.

За разлика од кај нас и во земјите во регионот „блек фрајдеј“ попустите во Европа се навистина големи и може да се купат брендирани парчиња облека по навистина смешни цени.

-Во продавниците во Шведска попустите за блек фрајдеј се реални, но и тука не се на цела колекција, туку само на одредени парчиња. Цените се намалени и до 80 отсто. Но, тука многу се купува онлајн и за блек фрајдеј може да се најдат многу големи попусти и тоа на брендирани парчиња облека. Доставата е многу брза и за неколку дена го добиваш производот, вели една Македонка која живее во Шведска.

Во Америка на овој ден има огромни попусти, продавниците отвораат уште во текот на ноќта, а редиците за чекање се формираат во текот на раните утрински часови. Сосема е логично што шопинг-манијата наречена „црн петок” е национален феномен во Америка, бидејќи сè почна оттаму.

(А.С.)

Народна банка со препораки до граѓаните за безбедно онлајн купување

Започна Black Friday, ден во кој повеќето производи за широка потрошувачка се нудат по намалени цени. Поради тоа од Народната банка на својата Фејсбук страница објави препораки до граѓаните за безбедно онлајн купување. Оттаму велат дека купувањето преку интернет е лесно и брзо, но дека заштитата на сопствените финансии е од суштинско значење.

Од Народната банка препорачуваат да се купува од безбедни веб-страници и секогаш да се побара „https://“ и икона за катанец во лентата за веб-адреси. При купување да се користат безбедни интернет врски, односно никогаш да не се купува преку јавна Wi-Fi мрежа и редовно граѓаните да ги проверуваат сопствените банкарски изводи за неовластени трансакции.

-Овозможете двофакторна автентикација: Додадете дополнителен слој на безбедност на вашите сметки. Пазете се од премногу добри понуди: Ако изгледа премногу добро за да биде вистина, веројатно е! Вашата безбедност е приоритет – купувајте паметно, останете заштитени!, препорачуваат од Народната банка.