За многу години, Македонци – „Корените македонски да не се заборават“: 20 години од успешната кариера на популарната Лени Партикова  

892

На убаво осмислената сцена беа испеани вечните: „Ој Вардаре македонски“, „За многу години, Македонци“, а од ексклузивните гости на Партикова – Огнен Здравковски, Благица Павловска, Владимир Поповски, Анастасија Петреска…. и песните: „Бисер балкански“, „Македонијо“, „Не кажувај, либе, добра ноќ“… Лени, со грст емоции, нè потсети и на легендарната Есма Реџепова-Теодосиевска, пеејќи ја нејзината култна песна, „Зошто си ме, мајко, родила“

Тоа што ни го вети, и го направи. Сè попопуларната и поприсутна пејачка на музичката сцена, Елена Лени Партикова, имаше голем концерт, по повод 20 години од својата кариера, насловен „Корените македонски да не се заборават“. И навистина е така. Штом Македонија има таква пејачка, а и не само неа, музичките корени не се забораваат. Салата во НОБ беше исполнета со преубава народна македонска песна, најмногу онаа патриотската, која буди најсилни емоции. Особено кога Лени, која беше соодветно облечена за таа пригода, на убаво осмислената сцена, ги запеа вечните: „Ој Вардаре македонски“, „За многу години, Македонци“, а нејзините ексклузивни гости – Огнен Здравковски, Благица Павловска, Владимир Поповски, Анастасија Петреска… песните: „Бисер балкански“, „Македонијо“, „Не кажувај, либе, добра ноќ“… Лени, со грст емоции, нè потсети и на легендарната Есма Реџепова-Теодосиевска, пеејќи ја нејзината култна песна, „Зошто си ме, мајко, родила“.

А, со елегантната и распеана Благица Павловска (видно ослабена) во дует, раскошно ја испеа „И цело Скопје“, иако Благица малку се пошегува, велејќи дека би можело да се пее „И цело Тетово“, со оглед на корените на Партикова од тетовскиот крај. Лени беше на сцената и со одличната група „Молика”, со прекрасните игроорци од КУД „Шара“ од Тетово и со игроорното друштво „7/8“ од Ѓорче Петров, Скопје, кои позитивно ја распаметија и ја кренаа публиката на нозе.                                               –

Низ концертот многу шармантно нè водеа Трајче Толевски и Милена Илиевска. Особено духовитиот Трајче, нагалено наречен Мајка, кај кого, во неговата кафеана „Камин-кама“, по концертот имаше голема веселба, која ја приреди Лени во знак на благодарност за сите што ѝ даваат максимална поддршка во работата – од медиумите до колегите.

Но, низ концертот, Лени ја потсети публиката на своите почетоци во забавната и во поп-музиката, кога ги освојуваше домашните и странските фестивали. Отпосле „пресече“ во кариерата, па ѝ се посвети на народната македонска песна. И не згреши. Тоа го прави многу успешно, не само настапувајќи на „Фолк-фест Валандово“ и на „Лешочкиот фолк-фест“ туку и пеејќи неколку фолк-хитови, омилени кај публиката: „Стара љубов“, „Феникс“…

– Во животот секогаш се стремиме и се бориме за сè што сакаме. По патот, многу често паѓаме, но најважно е да станеме, да продолжиме… Оваа порака што ја даде пред концертот, ја следеше и во текот на настапот. Кај Лени се секогаш присутни позитивните мисли, и во животот и во кариерата. Затоа е успешна и полна со нови планови. Само нека продолжи така. Искрено ѝ посакуваме понатамошни успеси, не само кај нас дома туку и во блиските и во подалечните земји.                                        фото-текст: Дуле Миќиќ