Постојат лица што може максимално да ја исцрпат нашата позитивна енергија. Како да се заштитиме од нивното негативно влијание?
Многу од овие лица играат на картата „грижа на совеста“, со цел да предизвикаат непријатно чувство кај нас доколку не сме им излегле во пресрет и не сме ги сфатиле „кога им било најтешко“. Со желба да ја надополнат својата енергија, тие често ни вршат атак и преку интернет-мрежата и разговорите на мобилен телефон. На тој начин, константно наметнуваат проблеми и без оглед што им препорачуваме одредени решенија: размислувај позитивно, немој да паѓаш со духот, не е толку страшно, можеш да ги решиш проблемите на следниов начин… тие остануваат глуви за нашите препораки. Но, во текот на наредните денови повторно се јавуваат, со повторување на разговорот околу истиот проблем, следниот ден истиот проблем итн. На тој начин, се полнат со енергија, бидејќи бараат внимание и очекуваат да сочувствуваме со нив и да ги разбереме „колку им е тешко“. Тие не сфаќаат дека најпродуктивното надополнување на енергијата не произлегува однадвор, туку исклучиво однатре, односно од себехармонизирањето и од позитивното дејствување.
Затоа најпрепорачливо е уште на почетокот да се постават јасни граници и да се потенцира „имам само пет минути“, односно „сега не можам, но во друга пригода сигурно ќе поразговараме“. Можеби, овие постапки не се најхумани, но мора да мислиме на сопствената личност и да ја заштитиме својата енергија, особено кога ќе согледаме дека некои лица постојано се обидуваат да земаат, а со ништо добро не возвраќаат.
Имајќи обѕир кон туѓата потреба за разговор и внимание, неретко самите паѓаме во мрежата на енергетските вампири. Мислејќи дека е добро да се одработи разговорот за да не се иницираат лоши односи, дозволуваме да нè вовлечат во подолга неконструктивна и здодевна конверзација. Не е проблем да се сослуша, да се даде совет и да му се помогне на другиот, но лошо е ако тој не спроведува ништо од кажаното и продолжува постојано да се жали и одново и одново да бара помош и внимание. Во тој контекст, клучно е секој поединечно да одлучи дали ќе влезе во туѓата игра и постојано да биде на удар и услуга на другиот. Или, пак, иницирајќи ги хуманоста и посветеноста, ќе може да се надева дека ќе му се возврати за добрината и дека примателот на позитивните вибрации ќе ги искористи советите за да воспостави суштинска промена во својот живот.
Препорачливо е по контактите со негативните личности да ја проветриме просторијата, да се напиеме топол чај (најсоодветен е зелениот чај) и да ги измиеме лицето и рацете под силен млаз студена вода. Еден од начините за хармонизирање на својата енергија е да посетиме манастир, односно да отидеме на места каде што се наоѓаат свети мошти или мироточиви икони, кои со својата голема спиритуална моќ ќе нè поттикнат целосно да се трансформираме и духовно прочистиме.
Бањањето и туширањето се мошне корисни за да се ослободиме од негативните вибрации и од чувството на исцрпеност. Потребно е да се пие многу вода за да се отстрани негативната енергија од телото. Одлични чистачи на просторот се мирисните стапчиња и етеричните масла кедар и темјан.
Најдобра заштита од негативните личности е да го редуцираме времето поминато со нив. Кога ќе се соочиме со лица што зрачат со негативна енергија, едноставно треба да ги заобиколиме и да не дозволиме да се инволвираат во нашата интима. Постојаните борби и докажувањето кој е во право, а кој не, може сериозно да го загрозат нашето биополе и да ни одземат голем дел од креативната енергија, како и од драгоценото време, кое може да го искористиме за конструктивни и продуктивни цели.
Кога вика, пцуе некој, секогаш насмевни му се и посакај му сѐ најдобро. Влегувањето во расправија и објаснување само ќе го зајакне биополето на негативната личност, која ужива да иницира проблеми и да се храни со туѓите нервоза и емоционална слабост. Нашата витална енергија се одлева и доколку во своето мисловно или емоционално поле го задржиме неубавото искуство со негативниот поединец, си правиме штета самите на себе, бидејќи несвесно и понатаму ја дисхармонизираме својата енергија. Не треба да им даваме преголема важност на негативните лица и емоционално да се возбудуваме поради туѓите зборови. Можеби, тие се такви кон секого. Треба да се концентрираме на себе, да не паѓаме под влијание на секакви критики, но и да го преиспитаме укажувањето, кое може да ни помогне да ги увидиме сопствените грешки и заблуди.
Препорачливо е воопшто да не размислуваме за негативните личности и, пред сѐ, да не дозволиме да се инфилтрираат во емоционалната сфера на нашата личност.
Најбитно е позитивно да размислуваме, да уживаме во убавите нешта и да се фокусираме кон сето она што ни овозможува личен развој, среќа и напредок во животот. Но, притоа треба да бидеме свесни дека постојат и негативни личности, кои шират студенило, рамнодушност и потиштеност околу себе. Енергијата со која зрачат предизвикува во другите луѓе мачнина и чувство на тежина. Долготрајното другарување и контактирање со таквите поединци може сериозно да го загрози психофизичкиот капацитет на нашата личност.
Затоа кога ќе почувствуваме дека сме цел на нечија негативна вибрација, треба да пронајдеме волја и енергија во себе за да му се спротивставиме на таквото влијание. Сепак, колку и енергетски да атакуваат негативните лица кон нас, ако поседуваме висока свесност, мудрост и способност за согледување на туѓите матрици на однесување, нема да се доведеме во опасна ситуација и нема да станеме заложници на нивното деструктивно влијание.
Од голема важност е да не се отвораме премногу пред непознатите и да не им се доверуваме на песимистичките и завидливи лица. Поединецот што ги научил животните лекции и сфатил дека најглавен биолошки закон е „прво да се грижиме за себе, а потоа за другите“, нема да дозволи константно да биде манипулиран и деградиран на енергетски план. Законот на природата гласи: прво јас треба да живеам, а дури потоа можам да им се дадам себеси на другите. Безусловната љубов е најмоќната енергија и најчистата емоција, но таа ќе зрачи уште посилно само доколку биде согледана и возвратена од другите. Впрочем, како што вели Анита Моорјани: „За да се грижам за некого и за да го сакам безусловно, морам да се чувствувам така и кон самата себеси. Не можам да дадам нешто што не го поседувам“.
Во денешно време, најмногу страдаат лицата што манифестираат преголема емпатија, доверливост и емоционална отвореност за сѐ и секого. Таквите поединци неизбежно стануваат жртви, кои не сомневајќи се во туѓите намери, ја поддржуваат себичната личност, која бескрупулозно ја црпи нивната енергија. Треба да знаеме дека може да се земе енергијата под услов жртвата да е ментално и емоционално отворена кон енергетскиот вампир, кој тактички ѝ се прилепува на својата жртва и на суптилен начин бара од неа сочувство и загриженост за состојбата во која се наоѓа. Најдобар одговор на таквото влијание е емоционално да се затвориме и да станеме рамнодушни на наклонетоста и „срдечниот разговор“.
Треба да научиме дека колку повеќе сме внатрешно хармонизирани толку помалку ќе ни влијаат надворешни околности и помалку ќе привлекуваме негативни личности, кои енергетски ќе нè изместуваат.












