Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, информираше дека блокадата е прекината и дека е постигнат договор со жителите, по што депонирањето на отпадот на „Краста“ продолжува.

– Остваривме средба со претставниците на селото Пчиња. Се разговараше конструктивно за надминување на проблемите. ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово, со помош на Општина Куманово и општествено одговорните компании, продолжува со санација на депонијата „Краста“, унапредување на нејзината состојба и спроведување други мерки предложени од жителите на регионот, објави Димитриевски

 

Жителите на кумановското село Пчиња денеска ја прекинаа блокадата на депонијата „Краста“, по договор со Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“. По интервенцијата на механизацијата од повеќе претпријатија, општествено одговорни компании и со поддршка од други општини, пожарот на депонијата е изгаснат, а отпадот е покриен со земја.

Санацијата ќе продолжи и во наредниот период со цел да се спречи повторување на пожарите и загадувањето на воздухот.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, информираше дека блокадата е прекината и дека е постигнат договор со жителите, по што депонирањето на отпадот на „Краста“ продолжува.

– Остваривме средба со претставниците на селото Пчиња. Се разговараше конструктивно за надминување на проблемите. ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово, со помош на Општина Куманово и општествено одговорните компании, продолжува со санација на депонијата „Краста“, унапредување на нејзината состојба и спроведување други мерки предложени од жителите на регионот, објави Димитриевски.

Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, потврди дека од вчера утрината повторно се депонира отпадот на „Краста“. Тој посочи дека во Куманово има големи количества собран смет, особено во поширокото градско подрачје, поради прекинот на одлагањето во изминатите денови.

– Имаме големи количества отпад, особено во поширокото градско подрачје. Ќе продолжиме да работиме за да го изнесеме. Ќе одиме по приоритетни зони и се надевам дека набрзо ќе се нормализира состојбата. Замолуваме за разбирање – рече Томиќ.

Претседателот на Месната заедница Пчиња, Александар Илиевски, изјави дека жителите одлучиле да ја прекинат блокадата, но остануваат на своите барања и нема да дозволат повторување на состојбата со пожарите и загадувањето со која се соочувале во изминатите шест месеци. Тој најави нова средба за еден месец и континуирано следење на состојбата за да се спречи повторно палење на депонијата и загадување на воздухот.

Инаку, институциите координирано да преземат законски мерки за деблокирање на пристапот и продолжување на редовното депонирање на комуналниот отпад, но и МВР, СВР Куманово да обезбеди координација и отворање коридор на депонијата „Краста“ за непречено депонирање на отпадот се едни од заклучоците донесени на последната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување на Куманово за справување со состојбата на депонијата „Краста“.

Воедно, Центарот за јавно здравје – Куманово треба да ја процени актуелната состојба и да достави препораки за спречување можни здравствени последици од нередовното собирање и депонирање на сметот. ЈП „Чистота и зеленило“ треба континуирано да го третира депонираниот смет со земја и секојдневно да обезбедува градежен материјал за покривање на отпадот. Предвидено е и поставување дополнителни камери за видео и термовизиски надзор, зајакнување на физичкото обезбедување и санирање на постојната, односно поставување нова заштитна ограда на необезбедените делови од депонијата.

Во соработка со локалното население, претпријатието треба да формира екопатрола со претставници на месните заедници и невладините организации од селата Пчиња, Студена Бара, Вак’в и Винце, која неделно ќе ја следи состојбата на депонијата. Освен тоа, заклучоците предвидуваат и дезинфекција на сите локации за собирање смет според препораките на Центарот за јавно здравје, како и контрола на сливните решетки и шахтите за атмосферска вода од страна на ЈП „Водовод“ Куманово, со нивно чистење, санирање или заменување доколку е потребно.

Градоначалникот Димитриевски кажа дека Општина Куманово ги исполнила обврските кон проектот и Министерството за животна средина, а се очекува со поддршка на Владата и со средства од Европската Унија да се реши проблемот со отпадот во Куманово и во вкупно 15 општини од североисточниот и источниот плански регион.

Според политичката партија ДОМ, пожарите на нестандардната депонија „Краста“ во Куманово, која гори веќе шест месеци, и на депонијата во Струмица се аларм дека управувањето со комуналниот отпад во Македонија бара итни и суштински промени.

– Горењето на отпадот го загадува воздухот и може да ослободува опасни соединенија, вклучително и канцерогени диоксини и фурани. Здравјето на граѓаните не смее да биде заложник на нефункционален систем – одлучни се од ДОМ. 

Од партијата додаваат дека депонијата „Краста“ се користи со одлука на Општина Куманово, но нема дозвола за депонирање од Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Според податоците на Министерството, законски дозволи за депонирање имаат само три депонии во државата: „Дрисла“ и депониите во Гевгелија и Гостивар – прецизираат од ДОМ. 

Сметаат дека општинските инспектори и Државниот инспекторат за животна средина мора да постапуваат ефикасно, секој во рамките на своите надлежности и наведуваат дека не е доволно институциите да реагираат откако ќе избие пожар, туку како што велат потребни се превенција, контрола и одговорност.

Велат дека регионалниот систем за управување со отпад доцни со години, а регионалната депонија кај Свети Николе сè уште не е реализирана.

Затоа, ДОМ бара преиспитување на досегашниот пристап и конкретни решенија наместо нови ветувања.

– Покрај регионалниот систем, треба да се анализира можноста за централна постројка за енергетско искористување на отпадот, со капацитет до 300.000 тони годишно и проценета инвестиција од 100 до 120 милиони евра. Таквата инвестиција мора да биде оправдана со студија за изводливост, транспарентна постапка и строги еколошки стандарди. Согорувањето на отпадот не смее да биде изговор за дополнително оптоварување на граѓаните со загадување – децидни се од ДОМ.

Во контекст на користењето отпад како алтернативно гориво, ДОМ смета дека мора да има целосна транспарентност за видовите и количествата отпад што се користат, емисиите и резултатите од мониторингот.

– Секоја нова постројка за третман или енергетско искористување на отпадот мора да се планира на соодветна локација, надвор од населени места, со процена на влијанието врз животната средина и здравјето на луѓето, строга контрола на емисиите и достапни податоци за јавноста – оценуваат од ДОМ. 

Нагласуваат дека енергетското искористување не смее да ги замени селекцијата и рециклирањето, туку да ги надополни.

– Потребни се стимулации за примарна селекција, поефикасно собирање и третман на отпадот, посилен инспекциски надзор и трошење со отчет на јавните и европските средства – истакнаа од ДОМ, нагласувајќи дека чистиот воздух, здравјето на луѓето и заштитата на животната средина мора да бидат приоритет.

-Време е за одговорност и системски решенија – заклучуваат од ДОМ.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ