понеделник, октомври 12, 2026
Дома СВЕТ Полицајци случајно активираа рачна бомба во сопственото возило

Полицајци случајно активираа рачна бомба во сопственото возило

28

Двајца француски полицајци се здобија со изгореници откако случајно активираа рачна бомба во своето возило додека ја надгледуваа блокадата на едно средно училиште во близина на Лион, објавија денеска француските медиуми.

Полицајците го надгледувале средното училиште „Арагон“ во Живор, јужно од Лион во департманот Рона, кога се повредиле при неправилно ракување со рачна бомба, што предизвикало пожар во внатрешноста на возилото, пренесе „Ле Фигаро“.

Инцидентот се случил во петокот, за време на бранот блокади на средни училишта низ Франција; еден полицаец се здобил со изгореници на бутот, додека другиот се изгорел на раката.

Претходно биле испукани пиротехнички проектили пред училиштето „Арагон“, а под околности кои сè уште не се разјаснети, рачна бомба од непознат тип експлодирала во возилото во кое се наоѓале двајцата полицајци.

Внатрешноста на возилото се запалила, поради што била потребна интервенција на пожарникарите. Полицајците биле пренесени во болницата „Едуар Ерио“ во Лион, установа специјализирана за третман на изгореници, и според информациите, се во стабилна состојба.

Управата на националната полиција за департманот Рона денеска не соопшти дополнителни детали за нивната здравствена состојба.

Ситуацијата во департманот Рона е релативно мирна по неделата одбележана со блокади и демонстрации на средношколците, пренесува „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ