среда, ноември 25, 2026
Дома СКОПСКА Завршница на клучката кај Момин Поток

Завршница на клучката кај Момин Поток

1

Клучката кај Момин Поток, од заглавен проект, сега веќе речиси е готова.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, објави дека на мостот, кој е изграден, веќе се поставува асфалт, а во тек е и изградбата на последниот од петте моста.

– Едната коловозна лента е веќе асфалтирана. Следуваат асфалтирањето на другата лента, завршниот слој асфалт и изградбата на уште еден кружен тек – истакна првиот човек на градот.

Притоа, додаде дека се изградени и два километри потпорни ѕидови.

Тој наведе дека веднаш штом ја презел одговорноста за Скопје, се завршени експропријациите што ја кочеле изградбата на клучката.

– Оттогаш работиме со едно темпо и со една цел за скопјани, конечно, да ја добијат оваа клучна сообраќајна врска – објави Ѓорѓиевски.

Тој неодамна најави дека до крајот на годинава треба да завршат градежните активности на клучката „Момин Поток“.

Инаку, според Ѓорѓиевски, клучката кај Момин Поток била затечена во повеќегодишна стагнација, без никакви градежни активности и без завршена експропријација.

Скопјани досега мака мачеа да го поминат делот од градот каде што се гради клучката, на местото на крстосницата меѓу булеварите „8 Септември“ и „Никола Карев“ (патот кон Визбегово). Се жалеа дека не може навреме да стигнат до саканата дестинација бидејќи автомобилите буквално лазат. Тие реагираа дека со години се реализира овој огромен проект, кој, според својата комплексност, е еден од најсложените сообраќајни проекти во Град Скопје.

Инаку, Град Скопје почна со изведбата на клучката кај Момин Поток во Општина Карпош во 2021 година и тогаш беше нагласено дека ќе биде завршен за две, најмногу за две и пол години.

Со проектот се предвидува изградба на два кружни тека, кои значително треба да го намалат сообраќајниот метеж во овој дел од градот и сообраќајно да го решат ова тесно грло, а кои веќе се завршени. Едниот кружен тек е меѓу булеварот „8 Септември“ и улицата „Скупи“ и тој е завршен во 2023 година, а другиот, кај булеварот „Никола Карев“ и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница, кој, исто така, е готов, не е пуштен во употреба.

Кружниот тек кај Момин Поток е со шест коловозни ленти, четири од нив се дигаат на девет метри и влегуваат во ридот кај касарната „Илинден“, каде што е изведен вториот кружен тек, со што ќе се овозможи непречено движење на сообраќајот без застој и без семафори.

Инаку, изградбата на кружниот тек и на клучката чини 18 милиони евра.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ