Пред една деценија, се водеше сериозна дебата за тоа дали паметните телефони можат да играат позитивна улога во училницата. Денес, ваквите дилеми звучат речиси наивно. Сè појасно е дека телефоните во училиштата не се само одвлекување на вниманието од наставата, туку многу подлабок проблем што влијае на вниманието, менталното здравје и секојдневниот живот на учениците. Британската влада оваа недела објави дека ќе ги направи постојните упатства за забрана на телефони во училиштата во Англија законска обврска. Одлуката не изгледа како смел реформски потег, туку како задоцнето признавање на реалноста: училиштата одамна разбираат дека наставата повеќе не може да функционира нормално додека учениците се постојано поврзани со екрани, пишува Лола Околосиа, наставничка по англиски јазик и писателка, во колумна за британски „Гардијан“.
Проблемот, сепак, не е само тоа што телефоните го одвлекуваат вниманието од часот. Тие се поврзани со цела низа последици: губење на сон поради бесконечно „скролање“, чувство на инфериорност предизвикано од постојани споредби со другите, изложеност на насилна и порнографска содржина и радикализација преку дигиталните заедници насочени кон младите луѓе. Во оваа смисла, паметните телефони и социјалните медиуми станаа нешто како современ тутунски производ – производ чии ефекти се потценувани со години, додека штетите стануваат сè поочигледни.
Сепак, самите забрани не го решаваат проблемот. Наставниците веќе знаат колку е тешко да се спроведат вакви правила во пракса. Истражувањето на Универзитетот во Бирмингем покажа дека училиштата со рестриктивни телефонски правила трошат повеќе од 100 часа неделно спроведувајќи ги, што е огромен товар за веќе исцрпениот училишен систем. Проценетите трошоци за такво спроведување се околу 94 фунти по ученик.
Уште посериозно, спроведувањето на забраните често води до отворен конфликт. Учениците реагираат со негирање, отпор, вербални напади, па дури и сериозна агресија. Некои носат два телефона за да можат едниот да му го предадат на наставникот, а другиот да го сокријат. Во некои случаи, родителите дури и ја повикале полицијата откако училиштето го конфискувало телефонот на нивното дете. Сето ова покажува дека ова не е само училишно правило, туку длабоко вкоренета зависност што институциите сами не можат да ја решат, објаснува Околосие во својата колумна.
Дополнителен парадокс е што истражувањата сè уште не потврдиле дека рестриктивните училишни политики сами по себе автоматски го подобруваат менталното здравје на учениците или го намалуваат вкупното време поминато пред екран на долг рок. Училиштата можат да ја ограничат употребата на уреди за време на часот, но не можат да контролираат што се случува дома, зад затворени врати и надвор од училницата.
Значи, забраната на телефони во училиштата е веројатно неопходна, но не може да биде единствениот одговор. Ако општеството навистина сака да ги заштити децата, тогаш одговорноста не може да биде само кај наставниците. Решението мора да ги вклучи родителите, државата и технолошките компании кои дизајнираат платформи кои предизвикуваат зависност и го зголемуваат времето поминато пред екран. Наставниците можат привремено да им ги одземат телефоните, но не можат сами да го поништат детството обликувано од бесконечно „скролање“, завршува наставничката по англиски јазик и писателка Лола Околосие, во текстот на „Гардијан“.












