Изградбата на Коридорот 8 влегува во засилена фаза, на повеќе фронтови од источната до западната граница. Во центарот на вниманието е автопатот Кичево – Охрид, кој, по долгогодишно доцнење, сега се приведува кон крај. Клучните автопатски делници се во напредна фаза, додека дел од проектите влегуваат во финална постапка или избор на изведувачи. Паралелно, се туркаат и железничките проекти. Владата најавува дополнителни инвестиции и нови тендери
Македонија со засилено темпо го гради паневропскиот Коридор 8, при што забрзано се градат повеќе клучни делници, а дел од проектите влегуваат во нова, поинтензивна фаза. Владата оценува дека станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни зафати во државата, кој има силна регионална и безбедносна димензија, но и силна економска димензија – треба да ги намали транспортните трошоци, да го забрза протокот на стоки кон албанските пристаништа и да ја зголеми атрактивноста на земјава за странски инвестиции.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакнува дека реализацијата се одвива со добра динамика, со голема поддршка од европските партнери.
– Зборуваме за сериозна реализација на проекти и за развој на Коридорот 8 – витален правец што НАТО го прогласи за втор најзначаен безбедносен коридор. Проектите се движат со добра динамика и опфаќаат автопатско и железничко поврзување – изјави Николоски.
Во рамките на коридорот веќе се реализирани значајни зафати: реконструиран е граничниот премин Деве Баир, пуштена е во употреба обиколницата на Крива Паланка, а експресниот пат Страцин – Крива Паланка е планиран со поддршка од Европската Унија, преку Планот за раст. Таа се надоврзува на веќе пуштените инфраструктурни проекти како експресниот пат Крива Паланка –Страцин и реконструкцијата на Деве Баир, со што постепено се заокружува источниот крак на коридорот. Паралелно, во тек е изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар и Гостивар –Букојчани, додека за делницата Букојчани – Кичево се спроведува постапка за избор на изведувач во соработка со Европската банка за обнова и развој.
Дополнителен импулс на инфраструктурниот циклус му дава и поддршката од Европската Унија, преку која се финансираат дел од капиталните проекти, вклучително и железничките делници покрај коридорот. Од Владата посочуваат дека е забрзана реализацијата на капиталните инвестиции, со исполнетост од 74 проценти во првите четири месеци од годинава, што опфаќа патишта, железница и друга стратешка инфраструктура.
Во фокусот на јавноста останува автопатот Кичево – Охрид, проект што со години беше симбол на застој и на пробивање на роковите. Според Николоски, изградбата е во завршна фаза.
– Тоа е оној заборавен проект од кој сите се имаа откажано. Веќе се завршени 37 километри, од кои 34 километри се пуштени во функција и очекуваме целиот автопат да биде завршен до крајот на годинава – изјави тој.
Според него, за релативно краток период е постигнат значителен напредок.
– Овој автопат се гради повеќе од 12 години. Ние за една година и девет месеци направивме многу повеќе отколку претходно. Кога ја презедовме одговорноста, немаше ни метар асфалт. Минатото лето пуштивме 34 километри и наскоро ќе следуваат нови делници – рече Николоски.
Тој посочи дека најтешките делови од трасата се стабилизираат со изградба на галерии, вкупно 14 во серија, што претставува редок инженерски зафат во регионот и покажува дека имаме капацитет како држава.
Николоски нагласи дека најголем предизвик останува делницата Струга – Ќафасан, каде што треба да се усогласи трасата со барањата на УНЕСКО, за заштитата на Охридскиот Регион.
– Ќе разговараме со УНЕСКО – не дали ќе има автопат, туку по која траса ќе се реализира. Очекувам во јуни да имаме решение – додаде Николоски.
Вицепремиерот најави дополнителни инвестиции преку претстојниот ребаланс на буџетот, додека паралелно се интензивираат активностите на клучните автопатски и железнички делници во државава. Во однос на железницата, тој најави дека за една недела ќе се распише тендер за изградба на третата фаза на пругата кон Бугарија, односно делницата што оди од Крива Паланка до заедничкиот тунел со Бугарија, а наскоро ќе се започне и со реконструкција на пругата од Скопје, преку Јегуновце, Тетово и Гостивар, до Кичево.
Автопатот Прилеп – Битола напредува, но е „заглавен“ кај дивоградбите во Ореовец
Изградбата на автопатот Прилеп – Битола на Коридорот 10д се соочува со сериозна опструкција на терен, иако, генерално, проектот се реализира со добра динамика, информира вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Според него, проблемот е лоциран во близина на прилепската месност Ореовец, каде што, како што тврди, група сопственици на диво изградени објекти го блокираат пристапот до клучно наоѓалиште на градежен материјал.
– Имаме само една опструкција. Се работи за десетина сопственици на дивоизградени вили и хациенди со базени, во околината на Прилеп. Тие не му дозволуваат на изведувачот да пристапи до наоѓалиштето, иако го дозволуваат тоа на приватен изведувач што има каменолом во соседството – изјави Николоски.
Тој посочи дека поради ваквата ситуација, државата е принудена да обезбедува материјал од приватни каменоломи, што значително ги зголемува трошоците за изградба.
– Штетата може да достигне до 100 милиони евра, затоа што мораме да купуваме материјал и да плаќаме транспорт. Тоа се средства што можеле да се вложат за развој на целиот регион: Прилеп, Битола, Крушево, Кривогаштани, Могила и Новаци – нагласи Николоски.
Министерот изрази очекување дека ќе биде надмината блокадата во најскоро време, со што ќе се овозможи непречено продолжување на работите. И покрај предизвикот, од Министерството уверуваат дека изградбата на автопатот се одвива според планираната динамика, а рокот за негово завршување е 2029 година.
– Работата оди повеќе од добро и очекувам наскоро да се отстрани оваа пречка за да продолжиме со засилено темпо – додаде Николоски.
(С. Бл.)












