– Многумина сметаат дека женските права се веќе обезбедени, па не ја чувствуваат потребата да излегуваат на јавен протест или марш за да ги бранат правата што, според нив, веќе им се дадени. Понатаму, културните стереотипи го минимизираат значењето на феминистичките иницијативи, па многу луѓе ја потценуваат важноста на борбата за родова еднаквост. Исто така и општествените промени и политичките кризи создаваат чувство на немоќ и апатија кај голем дел од населението, вели за весникот ВЕЧЕР проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, основач на Културолошките студии во Македонија, а во пресрет на одбележувањето на Меѓународен ден на жената во нашата земја

Осми март е денот кој, со одлука на Обединетите нации (од 1975 година), е прогласен за Меѓународен ден на жената. Во Македонија, за едни тоа е празник на мајката, сопругата, пријателката проследен со цвеќе и честење, а за помал дел е протест за еднакви права помеѓу мажите и жените на т. н. 8-мартовски марш. За тоа како се прославува 8 Март во нашата земја, дали е тоа ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите или, пак, се слави преку подароци, кафеани и аранжмани за патување, и што треба на овој ден да се истакне и направи, за весникот ВЕЧЕР разговараме со проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева. Професорката, која е основач на Културолошките студии во Македонија каде што се изучуваат и родовите и феминистички студии, а во рамки на Институтот за македонска литература при УКИМ, на овие дилеми одговара од културолошки аспект.

Прашана како Културолошките студии гледаат на празникот, таа вели дека нема податок дека 8 Март се обработувал или се истражувал во рамки на овие студии.

– Но факт е дека во рамките на Центарот за современи културолошки студии основан во Бирмингем, Велика Британија, во 1964 година, Ангела Мекроби во текстот „Расчистување со супкултурите: феминистичка критика” (1978), прва посочува на фактот дека истражувањата речиси целосно се фокусирале на машките групи (панкери, модови, скинхедси), додека девојките и женските културни практики се запоставени. Со оглед на тоа што културолошките студии секогаш го поддржуваат гласот на маргинализираните и обесправените, самите можете да претпоставите каква е разврската. Така, токму Мекроби, во рамките на културолошките студии, може да се смета за наследничка на текстилните работнички од Њујорк од 1908 година или на Клара Цеткин, која имала за цел да посочи на потребата од координирана борбата за женско право на глас и работничките права на жената, истакнува таа.

Првиот Меѓународен ден на жената бил одбележан во 1911 година во неколку европски земји, и затоа, вели Георгиевска-Јаковлева, 8 Март не е ден за прослави, туку за протести, поточно за политичка мобилизација, порано било за работничка солидарност и право на глас, денес за низа, сè уште актуелни прашања од борбата за еднакви права помеѓу мажите и жените.

Според професорката, во нашата земја 8 Март се одбележува недостојно.

– Жената и денес е изложена на низа стигматизации, од родово базирано насилство, кое најчесто се извршува над жената, до дискриминација во платите. Помеѓу тие две стојат низа други дискриминации, вели таа.

За разликите околу неговото одбележување (протест или кафеана), професорката вели дека има повеќе причини за тоа, кои се меѓусебно поврзани.

– На пример, многумина сметаат дека женските права веќе се обезбедени, па не ја чувствуваат потребата да излегуваат на јавен протест или марш за да ги бранат правата што, според нив, веќе им се дадени. Понатаму, во современата култура, феминизмот често се поврзува со радикални ставови, што одвраќа некои жени од јавни активности. Културните стереотипи го минимизираат значењето на феминистичките иницијативи, па многу луѓе ја потценуваат важноста на борбата за родова еднаквост. Понатаму, општествените промени и политичките кризи создаваат чувство на немоќ и апатија кај голем дел од населението. Сведоци сме на некаква општа апатија. Луѓето сè помалку се мотивирани да учествуваат во колективни акции бидејќи веруваат дека нивното дејствување не може да влијае на системот. И секако, современата култура нагласува индивидуализам, себичност и личен комфор. Многумина се фокусираат на себе, на своето семејство и на секојдневни обврски, додека солидарноста со другите се потиснува. Како резултат на тоа, колективните настани за поддршка на женските права се сметаат за „туѓ проблем“, кој не допира директно до индивидуалните интереси, истакнува Георгиевска-Јаковлева.

Прашана, пак, како гледа на тоа дека претходните генерации, наши мајки и баби, традиционално го прославуваат празникот со подароци, излегување со пријателките во кафуле/кафеана, но и како Ден на мајката, учителката (на која се носи цвеќе, но и поскапи подароци од учениците и родителите), таа вели дека сè што мислиме и правиме поминува низ филтерот на идеологијата.

– И тоа е нешто од што никој не може да избега. Ни порано ни сега. Нашите мајки растеа во времето на социјализмот и марксистичката идеологија, каде не беше важно дали си маж или жена, сите беа работници. Оттука и нивната еднаквост пред Законот, па и чувството на рамноправност. Жените имаа право на работа, образование и политичко учество. Протестите веќе не беа потребни, бидејќи државата ја преземаше улогата на „гарант на родовата еднаквост“. Од тој аспект, борбата за женски права се доживувала како непотребна. Оттука, како простор на освоената правда, денот бил посветен на славење. Секако, таквата идеологија која ја слави победата на работникот, ги затскрива другите полиња каде што жената и натаму останува нееднаква со мажот. А традицијата и навиката си го прават своето, продолжува и тогаш кога одредена идеологија исчезнува, истакнува професорката.

За Георгиевска-Јаковлева, 8 Март може и треба да поттикне поголема заштита на жените во време кога рубриката на црната хроника постојано и секојдневно известува за насилства врз жената и за фемициди.

– Потребна е сериозна работа за подигање на свеста кај одговорните, не кај обичните луѓе. И кај оние што мислат дека не им треба едукација и кај оние што директно одлучуваат, а ги зафатила „општата апатија и индивидуализам“, за кои погоре зборував.

Околу процентуална застапеност на жените во одредени институции, на раководни функции и колку е таа вештачки избор или е одраз на вистински квалитет, Георгиевска-Јаковлева вели дека никогаш не верувала во „позитивна дискриминација“, израз кој би можел да се употреби и во овој контекст на мерење проценти.

– Ама секогаш сум верувала дека има способни жени и над процентот што е пропишан. А дали жените на раководни функции се токму тие, способните, квалификуваните, најдобрите? Културолошките студии укажуваат дека позициите на моќ во општеството, вклучително и врвните раководни функции, обично се контролирани од мажи и дека воспоставените „правила“ за напредување и признавање на талентот не се неутрални. А тоа значи дека многу жени, иако талентирани и компетентни, се исклучуваат. Зошто? Можеби заради тоа што се дел од сложената мрежа на артикулации на моќ и привилегии, кои треба да се репродуцираат, додава таа.

Иако, и кај нас и на светско ниво, во последните години, во сè повеќе т.н. машки професии се наоѓаат жени, но и во традиционално машки спортови има женски екипи, на прашањето дали и колку нашето општество е праведно во однос на рамноправната застапеност на половите, професорката вели дека тешко е да се одговори на ова.

– Некогаш ми се чини дека имаме голем напредок, некогаш сум убедена дека сме се вратиле 1.000 чекори назад.

Вели и дека, како истражувач на родовите претстави во литературата и во културата на Балканот, накратко, заклучокот би бил дека неправди постоеле и ќе постојат – на сите полиња, па и во однос на родовата проблематика.

– Но важно е што денес сè поотворено се разоткриваат стереотипите за родовите улоги и за претставите за жената. Станува сè појасно дека улогите што ѝ се припишуваат не се нејзина „природна“ функција одредена од полот, туку историски и културно конструирани очекувања. Со тоа се отвора простор (не велам дека тој простор е искористен) за преиспитување на нормите, за поголема еднаквост и за можност секоја личност – без оглед на полот – да го оствари својот потенцијал, истакнува таа.

За нашиот медиум, професорката, открива и дека, покрај научно-истражувачката и просветната дејност, во последните неколку месеци, и на свое изненадување, почнала да пишува и поезија, а напишала и два романа.

– Работам на два учебника, едниот е речиси готов, со наслов „Вовед во културолошките студии“ и очекувам набрзо да биде достапен. Ако има кој да го издаде и покрај тоа што е прв од оваа област кај нас. Вториот нека остане тајна, за да имам простор за отстапка. Но она што е вистински ново и за мене е работата на три збирки поезија, едната веќе прифатена од Министерството за култура и туризам и која очекувам да излезе од печат во средината на март, со наслов „Даночен број на страста“ и два романа, од кои едниот со наслов „Молкот на Сирма“ го очекувам до крајот на април и за кој не барав поддршка од никого. Мојата возбуда од приемот на публиката е нескриена, додава професорката Георгиевска-Јаковлева.

Наташа Илиевска-Таневски

ИЗДВОЕНИ