Решавањето на проблемите со кои се соочуваат македонските превозници, особено во однос на престојот на возачите во Шенген- зоната, е еден од приоритетите на Владата, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. Тој посочи дека државата веќе работи на конкретни решенија и дека се води процесот индивидуално, со цел да се заштитат интересите на домашните транспортни компании.
Говорејќи по панел-дискусијата „Раст на економијата – економска сигурност на граѓаните“, Николоски нагласи дека се водат интензивни разговори со Европската комисија за надминување на проблемите што произлегуваат од новите правила за евиденција на влезот и престојот во Шенген-зоната. Според него, во моментов се разгледуваат два можни модели за практично решение. Првиот е да не бидат потребни визи за прекуграничен превоз, како што веќе функционира со Грција и со Бугарија, додека вториот модел предвидува издавање долготрајни визи за професионалните возачи.
– Еден од моделите е за прекуграничен превоз, како што се, на пример, релациите од Солун до Скопје, воопшто да не бидат потребни визи. Вториот модел е издавање долготрајни визи, што беше наше барање од почеток. Тоа веќе го има воведено Швајцарија, а најави и Хрватска – изјави Николоски.
Тој оцени дека почетокот на преговорите со Европската комисија претставува значаен успех, имајќи предвид дека повеќе од една година институциите на Европската Унија одбивале да разговараат на оваа тема.
– Со самото тоа што почнаа преговорите, постигнавме важен чекор. Откако се случија протестите, стана јасно дека е сериозен проблемот и дека има влијание и врз европската економија. Дополнително, Европската комисија излезе и со нова стратегија за визна политика, во која возачите се препознаени како професионална категорија – посочи Николоски.
Тој изрази очекување дека до почетокот на примената на новиот систем за евиденција на влез во Шенген-зоната ќе бидат пронајдени практични решенија и дека проблемите со престојот на македонските возачи во европските земји ќе бидат целосно надминати.
Паралелно со решавањето на ова прашање, тој нагласи дека цените на транспортните услуги во земјава остануваат стабилни и покрај промените на цената на нафтата. Според него, главна причина за тоа е високата конкурентност на македонските транспортни компании.
– Во овој момент, не очекуваме флуктуација на цените на транспортните услуги. Нашиот сектор е конкурентен благодарение на поволните услови за работа, како што се персоналниот данок и данокот на добивка од 10 проценти, а за реинвестирана добивка воопшто не се плаќа данок – рече Николоски.
Тој додаде дека со ваквата даночна политика, како и со релативно ниските придонеси за пензиско и здравствено осигурување, македонските транспортни компании се многу конкурентни на европскиот пазар. Според неговите информации, странските инвеститори што работат во земјава често се одлучуваат токму за домашните превозници, бидејќи нивните услуги се значително поевтини.
– Сум разговарал со неколку странски инвеститори, кои велат дека доколку користат превозници од својата матична држава, транспортот би им бил поскап за 300 до 350 проценти. Тоа се должи на поволностите што ги имаат нашите компании, меѓу кои се и пониските трошоци за регистрација и за осигурување на возилата – истакна Николоски.












