Според новата иницијатива во Ормускиот теснец, објавена од американскиот претседател Доналд Трамп во неделата, бродовите на американската морнарица нема нужно да обезбедуваат придружба на трговските бродови, објави новинарот на „Аксиос“, Барак Равид, на „Икс“, откако американската војска го потврди своето учество во операцијата.
Бродовите на американската морнарица ќе бидат „во близина“ во случај да треба да спречат напад од страна на иранската војска врз трговските бродови што пловат во Персискиот Залив, рече Равид. Американскиот претседател во неделата објави дека САД ќе започнат „спасувачка“ операција во понеделник наутро за спасување бродови од неутрални земји кои се заглавени во Ормускиот теснец, без да даде детали за операцијата или дали американската морнарица ќе учествува.
Во објава на социјалната мрежа „Трит Соушл“, Трамп ја опиша операцијата како „хуманитарен гест“ чија единствена цел е да им помогне на неутралните земји кои не учествуваат во војната меѓу САД и Израел против Иран.
„За доброто на Иран, Блискиот Исток и САД, им кажавме на тие земји дека безбедно ќе ги отстраниме нивните бродови од овој ограничен воден пат за да можат слободно и вешто да ја продолжат својата работа“, напиша Трамп.
Според Меѓународната поморска организација, стотици бродови и околу 20.000 морнари се заглавени во теснецот и не можат да го напуштат од почетокот на конфликтот, пренесе Ројтерс.
Сепак, Иран изјави дека секое мешање на САД во пловидбата во Ормускиот теснец ќе се смета за кршење на прекинот на огнот. Иранската војска предупредува дека ќе нападне ако американските сили влезат во Ормускиот теснец.












