Еден од најдобрите англиски напаѓачи, Оли Воткинс, е лут на менаџерот на Астон Вила, Унаи Емери. Причина за тоа е неговата минутажа на теренот во двомечот со ПСЖ во четвртфиналето на Лигата на шампионите.
Воткинс беше редовен во стартната постава во текот на целата сезона, а потоа против парижаните беше на теренот вкупно 20 минути во два натпревари, бидејќи Емери реши да се соочи со францускиот шампион со „лажна деветка“, а тоа беше крилниот напаѓач Маркус Рашфорд.
Вила загуби со 1:3 во Париз, победи со 3:2 во Бирмингем, а Воткинс доби минутажа во самата завршница, кога неговиот тим бркаше четврти гол што ќе ги одведеше во продолженија.
Воткинс покажа што може во саботата во победата од 4:1 над Њукасл во Премиер лигата, кога постигна гол и асистираше. Тоа беше дерби на колото и директна пресметка за едно од местата кои водат во ЛШ наредната сезона.
- Одиграв вкупно околу 20 минути против Пари Сен Жермен. Нема да лажам, бев бесен и тоа јасно му го кажав на Емери. Тој е менаџер, морам да ја почитувам неговата одлука, но не сум од оние играчи на кои не им е грижа кога не се на теренот, изјави Воткинс.