сабота, август 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „Волунтаризам е неприфатлив“: Владата очекува оставка од директорот Китановиќ кој го глорификацираше...

„Волунтаризам е неприфатлив“: Владата очекува оставка од директорот Китановиќ кој го глорификацираше Ратко Младиќ

22

Владата очекува актуелниот директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, да се повлече од функцијата доколку не се согласува со ставот дека Ратко Младиќ е осуден за геноцид и воени злосторства. Ова е дел од одговорот од Владата на прашањата што „360 степени“ ги упати до „Илинденска“ број 2 за нејзин став по објавата на инстаграм-профилот на директорот Китановиќ во која се величаат Ратко Младиќ и Дража Михајловиќ.

Дополнително, прашавме и дали Владата смета дека Китановиќ треба да биде разрешен од функцијата.

„Ставот на Владата е јасен и се темели на меѓународно утврдени правни факти. Ратко Младиќ е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства од надлежниот меѓународен суд. Ставот на Китановиќ е негов личен став и неприфатлив за Владата. Владата ги гради ставовите врз основа на интересот на државата и граѓаните. Кога таквиот став е изграден, тогаш истиот се почитува од страна на сите поединци во Владата. Волунтаризам е неприфатлив и Владата ќе побара од Китановиќ да го повлече ставот. Доколку Китановиќ не се согласува со политиките на Владата, очекуваме негово повлекување од позицијата која ја извршува“,од Владата.

ВМРО-ДПМНЕ не ја коментира објавата на партијата на Стоилковиќ
„360 степени“ се обрати и до ВМРО-ДПМНЕ за став во однос на објавите на социјалните мрежи на коалицискиот партнер Демократската партија на Србите во Македонија и на директорот Китановиќ, во кои се глорифицираат Ратко Младиќ и Дража Михајловиќ. Од партијата одговорија дека не сакаат да се мешаат во внатрешните работи на други држави.

„ВМРО-ДПМНЕ коментира случувања и прашања што се во интерес за граѓаните на државата и не сака да се меша во внатрешните работи и случувања во други држави“,се наведува во дел од одговорот од ВМРО-ДПМНЕ.

За конкретниот случај, велат дека општоприфатен факт е дека Ратко Младиќ е осуден за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југопславија.

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ова прашање е јасен и идентичен со оваа меѓународно утврдена правна фактичка состојба“,одговорија од партијата.

Што објавија партијата на Стоилковиќ и директорот Китановиќ

Инаку, авторка на текстот објавен на фејсбук-страницата на Демократската партија на Србите во Македонија, како што е наведено, е извесна Татјана Домазет. Лице со ова име и презиме работи како библиотекар и стручен соработник во Народната библиотека на Србија во Белград.

Во текстот се наведува дека многу Срби го гледале Ратко Младиќ како свој генерал во времето кога се рушеле држави, се раздвојувале семејства, се губеле животи и време во кое никој не можел да знае што ќе донесе следното утро.

Партијата на министерот Стоилковиќ објави текст во кој го глорифицира Ратко Младиќ – остри реакции од СДСМ и ДУИ

Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, пак, на Инстаграм објави фото-композиција, креирана со вештачка интелигенција, на која Ратко Младиќ е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, а со големи букви е напишано: „Генерални на небеската војска“.

Опозициските СДСМ и ДУИ остро реагираа.

Од СДСМ денеска побараа одговорност од Столковиќ, од неговата Демократска партија на Србите во Македонија и од Китановиќ поради, како што велат, величење на воениот злосторник Ратко Младиќ. Го повикаа Обвинителството да постапи и да ја утврди одговорноста кај политичките функционери кои на социјалните мрежи имаа објави во кои го величат Ратко Младиќ.

Од ДУИ, пак, сметаат дека Влен сноси политичка одговорност за овој чин на партнерот во власта и бараат разрешување на нивните министри во Владата. Според ДУИ, молкот на Влен пред величењето на геноцидот е соодговорност.

По обвинувањата дека молчат за објавата на нивниот коалициски партнер во власта, со соопштение излезе и владејачката Влен, кое повеќе се однесуваше на објавата на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, отколку на текстот што на Фејсбук го сподели партијата на актуелниот министер за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ. Без да го именуваат, од Влен наведуваат дека позагрживачки е кога вакви содржини се објавуваат од раководител на институција која треба да ги штити правата на Албанците и на другите заедници.

ИЗДВОЕНИ