петок, јули 24, 2026
Дома СВЕТ Во руските напади врз Украина е погоден и конзулатот на Латвија

Во руските напади врз Украина е погоден и конзулатот на Латвија

17

Латвискиот почесен конзулат во украинскиот град Славјанск беше оштетен во руски напад во кој загинаа шест цивили, а десетици беа повредени, соопштија украински и латвиски претставници, додека Европската унија и балтичките земји го осудија нападот врз цивилните објекти и дипломатската инфраструктура, објавија агенциите.

Латвиската министерка за надворешни работи Баиба Браже потврди дека конзулатот е оштетен во нападот и рече дека за тоа ги информирала министрите на земјите-членки на ЕУ и НАТО, како и меѓународните организации.

„Русија може да уништи згради, но не и волјата на Украина и поддршката на Латвија“, рече Браже. Латвискиот јавен сервис ЛТВ објави дека почесниот конзул Олександр Павенко не е повреден.

Латвискиот претседател Едгарс Ринкевич го опиша нападот како „воен злостор“ и рече дека неговата земја ќе продолжи да ја поддржува работата на почесниот конзул и на сите оние кои му помагаат на населението на Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека во воздушниот напад загинале шест цивили и се оштетени станбени згради, зградата на конзулатот и возила.

„Важно е нашите партнери целосно да разберат дека заштитата на животите зависи и од нив. Пресретнувачите на ракети „Патриот“ се приоритет број еден“, рече Зеленски.

Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибига, рече дека нападот е ново кршење на меѓународното право и повика на силен меѓународен одговор.

Латвиското Министерство за надворешни работи го повика рускиот вршител на должноста амбасадор на разговори и му врачи протестна нота, осудувајќи го „бруталниот напад врз Славјанск и уништувањето на зградата на латвискиот почесен конзулат“. Министерството соопшти дека двајца вработени во конзулатот се повредени и во нападот.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази сочувство до семејствата на жртвите и рече дека нападот покажува „целосно непочитување на дипломатијата“ од страна на Русија.

„Русија сè повеќе ги таргетира цивилите во очаен обид да го скрши украинскиот дух. Сепак, украинскиот дух е нескршлив, како и решеноста на Европа да ја поддржи одбраната на Украина“, рече фон дер Лајен.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, го нарече нападот врз Славјанск и конзулатот „тежок и неприфатлив чин“, додека министрите за надворешни работи на Литванија и Естонија, Кестутис Будрис и Маргус Цахна, го осудија нападот врз украинските цивили и европската дипломатска инфраструктура.

Славјанск се наоѓа во регионот Донецк во источна Украина, близу до линијата на фронтот. Сличен инцидент се случи во август минатата година, кога руските напади врз Киев ги оштетија дипломатските објекти на Европската Унија.

ИЗДВОЕНИ