Патувањето повеќе не е само пасош, билет и куфер. Денес, целиот свој живот го носите во џеб, и токму тоа станува проблем штом ќе ја преминете границата. Во сè поголем број земји, граничните контроли не завршуваат со документи.
Во некои земји, службениците имаат право да ја проверат содржината на вашиот телефон, лаптоп, па дури и вашиот паметен часовник. Тоа значи пораки, фотографии, е-пошта, апликации – сè што вообичаено би го сметале за приватно.
Во Хонг Конг, правилата беа дополнително заострени оваа година. Полицијата може да побара не само лозинки, туку и клучеви за дешифрирање на вашиот уред. Одбивањето да го сторите тоа се смета за кривично дело, дури и ако сте само во транзит.
Ситуацијата во Соединетите Американски Држави не е многу поинаква. Агентите на граничната патрола можат да ги претресат вашите уреди без налог, а бројот на такви проверки постојано се зголемува. Ако одбиете да соработувате, вашиот уред може да биде конфискуван и вашиот влез во земјата може да биде доведен во прашање.
Во Канада, постои малку повисок праг за вакви проверки, но доколку постои каков било сомнеж, потребно е да го отклучите вашиот уред. Во Австралија, работите одат уште подалеку – дури и без ваша согласност, вашиот уред може да биде пребаран, а одбивањето може да доведе до притвор.
Во Нов Зеланд, одбивањето да се даде лозинка може да резултира со парична казна, додека во Русија, патниците практично не можат да сметаат на приватност – уредите можат да бидат конфискувани, а последиците се непредвидливи.
Постои разлика помеѓу податоците на вашиот телефон и податоците во „клауд-от“, но во пракса ова не се менува многу ако поголемиот дел од содржината ви е достапна на вашиот уред.
Во исто време, светот се движи кон сè повеќе дигитални граници. Биометријата, дигиталните дозволи за влез и фокусот на паметните уреди стануваат нова реалност.
Вашиот телефон веќе не е само телефон. Тоа е вашата историја, контакти, комуникации, навики. А во некои земји, сето тоа може да стане предмет на контрола.
Значи, прашањето повеќе не е дали имате нешто да скриете. Прашањето е дали сте подготвени на то некој да ви побара да покажете се.












