четврток, јуни 11, 2026
Дома КУЛТУРА Во очекување на продолжението: Саемска промоција на романот „Луција“ од новинарката Лилјана...

Во очекување на продолжението: Саемска промоција на романот „Луција“ од новинарката Лилјана Грџо Дамовска на штандот на „Сакам книги“

711

На штандот на издавачката куќа „Сакам книги“ во рамките на Саемот на книгата, попладнево беше промовиран дебитантскиот роман на истакнатата новинарка Лилјана Грџо Дамовска, насловен „Луција“.

Во присуство на бројни долгогодишни колеги, пријатели и почитувачи на нејзиното новинарско перо, авторката со нескриена возбуда ја претстави својата втора книга, која веќе предизвикува голем интерес кај читателската публика.

Романот „Луција“ е опишан како интимен портрет на една жена – приказна за копнежот, храброста да се направат различни животни избори и силата за нови почетоци.

Како што истакна самата авторка, инспирацијата за објавување на овие записи дошла по поттикот од нејзините пријателки и први читателки на романот, реномираните јавни личности, новинарката Јасна ФранговскаИвана Манасиевска и новинарката и филмска критичарка Ана Василевска.

„Она што најмногу не ми остава мир по објавената книга е животот на самите ликови и она што се случува со нив по затворањето на приказната меѓу кориците“, истакна Дамовска, најавувајќи дека приказната за Луција можеби природно ќе добие и свое продолжение.

 Според првичните критики, „Луција“ отвора важна страница во македонската литература, обработувајќи го ликот на жената по четириесеттите години на комплексен и зрел начин. Ова дело доаѓа како логичен континуитет на богатото искуство на Дамовска, која својот работен век го посвети на новинарството како уредник во „Дневник“, „Вечер“ и главен уредник на „Теа Модерна“ и „Леона магазин“.

Пензионерските денови, како што вели таа, сега ѝ овозможуваат целосно да им се посвети на своите најголеми страсти: патувањата низ светот низ призмата на нејзиниот внук и пишувањето за „своја душа“ – за ситуациите и луѓето кои допираат до сите нас.

Лилјана Грџо Дамовска е дипломиран новинар и магистер по културолошки студии. Покрај нејзината работа во дневниот печат, таа е автор на стотици интервјуа и значаен поддржувач на културниот активизам во Македонија. Нејзината прва книга, „Светска женска“ (2015), претставува збирка на нејзините влијателни колумни „Огледало“.

Романот „Луција“ веќе може да се најде во продажба на штандот на „Сакам книги“ и во сите поголеми книжарници.

 

ИЗДВОЕНИ