Се смета за најсветиот знак и симбол на нашата вера, за најверниот пријател на секој православен христијанин, од моментот кога ќе се роди, па до нашата смрт. Со него се прават сите свети тајни како крштавање, миропомазание, евхаристија, со неговиот знак се прават сите свештени благослови, а верниците го прегрнуваат, бакнуваат, го стават на своите гради, насекаде околу себе, за да ја искажат својата љубов кон најсветиот симбол, кој е главно обележје на христијанските цркви. Вакво е доживувањето на чесниот крст, главното обележје на христијанските цркви насекаде во светот. Така е повеќе од два милениуми, откако на него се случило распнувањето на Синот Божји, Исус Христос, и неговото починување во најстрашните маки за да уследи потоа и неговото воскреснување. Со тоа се означи и победата на животот над смртта, се докажа вистинитоста на христијанската вера, се воспостави традиција на празнувањето на Велигден, која уште ја одржуваме.
Споменот на настанот на ридот Голгота кај Ерусалим се пренесува од колено на колено меѓу христијанските верници. Во тоа, важна улога има и чувањето на сите артефакти врзани за него. А еден од најважните е и чесниот крст, на кој беше распнат Исус Христос, со рацете и нозете прободени со челични шајки, со трнов венец на главата, претходно камшикуван до бесвест. Приказната со откривањето и зачувувањето на крстот, на неговите делови, започнува и се врзува за света Елена, мајката на царот Константин Први, кој прв ја признал христијанската вера. Таа, околу 326 година, тргнала да ги бара останките на Исус Христос, при што успеала да го открие местото каде што бил распнат на ридот, и во чија близина ги открила и трите крста на кои биле распнати Исус Христос и двајцата крадци – Димас и Гестас. Потоа, преку чинот на оздравувањето на некои лица, брзо се установило на кој е крстот на кој Исус Христос го завршил својот земски живот. Оттогаш, започнало и чувањето на чесниот крст, но и негово распарчување и носење на делови во разни христијански светилишта кои се формираа ширум светот.
МН: Хаџи Наке не жалел пари само за да го откупи историското сведоштво
За да се има дел од чесниот крст, покажува историјата, беше потребна голема христијанска љубов, но и големи парични средства што некој требаше да ги даде. Македонија имаше такви луѓе и токму благодарение на нив, како земја, можеме да се гордееме дека сме меѓу десетина земји во светот која има честички од чесниот крст. Тие сега се наоѓаат во две големи светилишта – Бигорскиот манастир посветен на свети Јован Крстител и манастирот „Свети Георгиј“ во Рајчица, Дебарско. Постои и приказна дека третата честичка е во кичевскиот манастир посветен на света Богородица – Пречиста, и дека е вградена во неговите темели, но таа не се смета за многу веродостојна. Но, двете светилишта – Бигорскиот и манастирот во Рајчица – грижливо ги чуваат приказните за доаѓањето на честичките во нивните ризници. Архимадритот Доситеј ни објаснува дека тие се добиени како израз на големата љубов на нашиот народ кон христијанството.

– Честичката на чесниот и животворен крст Господов во нашиот Бигорски манастир е донесена од Константинопол во 1830-тите години, од страна на хаџи Наке, од село Беличица на планината Бистра, заедно со неговиот придружник означен како кир Антонакиј. Хаџи Наке бил богат сточар и трговец, кој во тој период прво тргнал на аџилак во Ерусалим, каде што ја дознал можноста да дојде до честичката од најзначајниот христијански симбол. Манастирот во Рајчица, пак, својата честичка од светиот крст ја добил во 2001 година, преку старо скопско семејство на аџии. Честичката е подарена на манастирот во Рајчица од ѓакон на Ерусалимската патријаршија по потекло од Македонија, а брат на благочестивата аџика Нацка – наведува архимандритот Доситеј.
Скопјанецот Бранко Богучевски, кој е далечен потомок на големиот донатор хаџи Наке, за весникот ВЕЧЕР детално ги објаснува околностите во кои неговиот предок дошол во сопственост на честичката и како ја донел во Македонија.

– Приказната со мојот прапрадедо, хаџи Наке Богуч од село Беличица, Мавровско, почнува во далечната 1833 година, кога неговата фамилија важела за имотна, богата и почитувана, при што тој правел многу добри дела за населението. Во селото изградил и црква, им помагал на сиромаси… Тогаш, во времето на процутот и „златното време“ на Бигорскиот манастир во 1883 година, тргнал на аџилак и отишол на поклонение на гробот Божји во Ерусалим. Таму престојувал одредено време и дознал за честичката на светиот крст, но и за светите мошти на Јован Крстител и на други светители кои се наоѓале во тогашен Цариград – Константинопол. Брзо се решил да замине за Константинопол и да побара прием кај тогашниот султан како почитуван човек од заедницата, на што чекал 30 дена. Конечно, бил примен кај султанот, при што побарал да ја откупи честичката како и моштите на свети Јован Крстител и други шеснаесет светители – ни раскажува Бранко Богучевски, во чие семејство оваа приказна се пренесува од колено на колено.
Во тој период, додава Богучевски, Османлиска Турција била во војна со Русија, при што султанот се сложил да му ги даде вредните реликвии, но под услов да плати и му биле побарани 30.000 златници, лири, што во денешна противвредност е околу 900.000 евра. Моштите, пак, се чувани во тогашната џамија „Аја Софија“ или претходно црква, „Агиа Софија“.
– Мојот предок пратил луѓе од неговата свита да ги донесат златниците од с. Беличица во Македонија, по што ги откупил моштите и ги добил во една платнена врзулка. При неговото враќање, оди директно во манастирот „Св. Јован Бигорски“ каде што е пречекан со големи почести од архимандритот Арсениј, кој бил известен за неговото дело и за доаѓањето. Моштите му се предадени на манастирот како подарок и оттогаш се наоѓаат во него. Му било понудено да биде прогласен за светец, но тој одбил со зборовите:„ Јас не сум светец, само правам добро дело“. Тој и неговата фамилија, чиј потомок сум и јас, од тој момент го добиваме прекарот „Богуч“, што значи богопоштувалец и како фамилијарно презиме, Богучевски го носиме ден-денес, со голема чест и гордост – наведува Бранко Богучевски.
Симбол на живот и воскресение
Архимандритот Доситеј ни објаснува дека честичката сега се чува во посебен, раскошно уреден кивот, заедно со деловите од моштите на големи христијански светители. За неговата изработка своевремено биле платени 3.000 гроша, а бил завршен во 1835 година.
– Честичката од чесниот крст се чува во крстот што се наоѓа во средишниот дел од кивотот и кој е украсен со полускапоцени камења. Околу крстот се изведени шест медалјони во кои со техника на перфорирање на плочата, се испишани монограми кои гласат: „Чесниот крст ја чува целата вселена“. Натписот од левата страна го соопштува времето на зографисувањето на кивотот, наведувајќи ја годината 1833, во времето на игуменот Арсениј: „Овој кивот со чесното дрво и со светите мошти на свети Јован Претеча и на други светии како што известуваат натписите, се сотвори во времето на смирениот игумен Арсениј со братството, во летото: 1833. Податоците за донесувањето на моштите, пак, се содржани во натписот од десната страна на капакот: „Хаџи Наке од Беличица сам ги купил овие свети мошти од Цариград со кир Антонакиј; насликале: смирениот Михаиил и неговиот син Даниил монах“ – објаснува архимандритот Доситеј.

Во манастирот во Рајчица, честичката од чесниот крст се чува во посебно изработената икона Воздвижението на чесниот крст (празникот Крстовден), чија изработка ја побарал епископот антаниски, Партениј. Оваа икона е поставена како целивална икона од левата страна во рајчичкиот храм на свети Георгиј Победоносец и е достапна за поклонение преку цела година. Покрај иконата со честичката, во Рајчица се чуваат и моштите на свети Георгиј Победоносец – дел од неговата дланка, примен во ноември 2003 година од грчкиот митрополит Епифаниј од Атина, кој ги добил од монасите во скитот Кавсокаливија на Света Гора.

– Честичките од светиот крст се ставаат во активна литургиска употреба во три главни пригоди годишно: кога е празникот Крстовден – Воздвижение на чесниот и животворен крст кој се одбележува на 27 септември според новиот стил и е најважниот празник на чесниотк. Епископот антаниски г. Партениј го изнесува чесниот крст над глава од олтарот до средината на храмот при бавно и торжествено пеење на Трисветата песна. Потоа полека го спушта, правејќи поклон на колена, и повторно го крева, додека хорот и верниците пеат „Господи помилуј“ 100 пати. Чествување има и на Крстопоклона недела – Третата недела од великиот пост, а исто така, се изнесува и на 1 август, на првиот ден од Богородичниот пост – наведуваат во Бигорскиот манастир.
А верниците доаѓаат во овие светилишта не само за празниците туку и секојдневно, за да им се поклонат и за да ги целиваат двете значајни реликвии. Така е со децении и децении, а така, сигурно, ќе биде и во иднина – грижливо ќе се чува споменот на настанот кој го сменил светот и кој сведочи за силата на христијанската вера, која се негува и во Македонија. (Б. Ѓ.)
Не се заштитуваат хемиски, туку се чуваат во восочно-мастична масло
Во Бигорскиот манастир ни објаснуваат дека честичките од светиот крст се конзервираат првенствено преку физичко затворање, а не преку периодичен хемиски третман.
– Тие се запечатени под восочно-мастична смеса (керомастикс) внатре во сребрениот крст – традиционален православен метод за конзервација составен од природен пчелин восок, мастикс, смирна, алој, темјан. Оваа смеса има природни антимикробни својства од восокот и смолите, го спречува распаѓањето и штити од дејството на околината – објаснуваат во светилиштето.
Инаку, најголем фрагмент од светиот крст се чува во манастирот Кутлумуш на Света Гора и е со измерен волумен 870.760 мм³. Во другиот светогорски манастир, Ксиропотам, има 13 парчиња, а други делови има и во ватиканската базилика „Свети Петар“, во Богородичната црква во Париз, во Црквата на светиот гроб во Ерусалим…












