| Велигден е празник што нè потсетува дека надежта, љубовта и животот се победи над смртта. Тој е време на заедништво, духовна радост и семејна блискост – празник на светлина и симбол на нови почетоци |
Православните верници, в недела, го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ ќе биде објавено во сите храмови на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а утрината ќе се одржуваат свечени воскресенски литургиии.
Овој празник е спој на верата и на традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Величетврток, уште пред изгрејсонце, кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца. Оваа вековна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – Христови ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото предание.

– Денот на Христовото воскресение – Велигден не е само најголемиот туку е и најстар христијански празник што се празнува од вториот век. Тој е суштината на христијанството, потврда и на самата вера, зашто како што рекол свети апостол Павле: „Ако Христос не воскреснеше, празна ќе беше и нашата вера“. Затоа на Велигден пееме: „Христос воскресна од мртвите,/ со смртта, смртта ја победи,/ и на оние што се во гробовите/ живот им дарува“, запишал фолклористот Марко Китевски.
Нашиот народ со подолги подготовки и со посебна возбуда го пречекува овој празник на кој му претходат долгите Велигденски или Велики пости, кои траат цели седум недели, не сметајќи ги Сиропусната недела која е една недела пред Прочка и Месопусната недела една недела пред неа.
– Востановен уште во апостолски времиња, за да биде оформен во денешната форма до IV век, постот има за цел христијаните да се подготват за достојно прославување на празникот. Во текот на овие велигденски пости, преку самоконтрола, преку разни самоодречувања, откажување од телесни задоволства, од обилна и пред сè, мрсна храна, преку контролирање на страстите, откажување од веселби, песни и сл., човекот во страдањата се доближува до својот Спасител, за со примањето на чесната причесна на самиот ден Велигден, рано наутро, да се идентификува со него, јадејќи ја нафората што го претставува Христовото тело и пиејќи го виното што ја претставува неговата крв, запиша Китевски.
Со обичаи и верувања особено е исполнет денешниот ден Велики петок, кој освен Велипеток уште се вика и Распет петок зашто на овој ден е распнат Исус Христос. Поради тоа, овој ден се смета за најтежок празник во годината, тогаш не се работи дури и не се готви храна. Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“, тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други не јадат ништо цел ден, сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црква каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќе на „плаштеникот – оплакувањето Христово“. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје. На Велики петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под Плаштеницата, верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така, се поставува и „Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус), пред кое верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.
Некои, саботата пред празникот, наречена Велика сабота, за празник ја сметаат само додека се во црква, а потоа може да се работи. На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна. На полноќ, во сите цркви се пее тропарот „Христос воскресе“ и три пати се обиколуваат црквите, а потоа се служи големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат. На малите деца, во сабота навечер, под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата, кога ги водат на литургија в црква. По литургијата, се оди на гробишта, каде што се остава по едно јајце на гробовите, за да им се каже и на мртвите дека дошол Велигден.

Како што вели професор Китевски, со Велигден се поврзани и други обичаи и верувања. Така на пример, утрото пред да се оди в црква, не смее ниту да се пуши ниту да се пие кафе. Во некои места, кога домаќинот одел в црква, носел и семе од свилена буба, за подоцна бубите да не можат да бидат урочени. И кога утрото се истерува стоката на пасење, се допира со црвено јајце за здравје. Во Скопско, како што запишал М. С. Филиповиќ, на првиот ден од празникот се седело дома, а на вториот се одело на гости, на ракија, кафе и сл.
Повеќемина собирачи на македонски народни умотворби, обичаи и верувања, запишале дека во минатото, христијанските семејства во знак на почит кон своите сограѓани од други конфесии им подарувале црвени јајца. Овој обичај се практикува и денеска.
Велигден е центар на повеќе празници познати како празници со непостојан датум или како циклус велигденски празници. Нивните датуми што се менуваат секоја година се зависни од Велигден и се определуваат откако ќе биде одреден неговиот датум. Прочка или Проштени поклади е секогаш седум недели пред Велигден, Првата сабота по Прочка е Тодорова сабота (Тодорица), неделата пред Велигден се Цветници, саботата пред Цветници е Лазарева сабота (Лазарица), четириесет дена по Велигден, и секогаш во четврток, е Вознесение (Спасовден), десет дена по него или педесет по Велигден е Духовден (Педесетница). На половина меѓу Велигден и Педесетница, односно на 25. ден, секогаш во среда, е празникот Преполовение, што народот го вика Руса Среда. Самиот чин на воскреснувањето на Исус Христос им дава смисла и на некои други празници од христијанскиот календар како што се Божик (денот на Христовото раѓање) потоа Светото благовештение (Благовест) Преображение, Крстовден и др.












