Во Битола ќе се градат три спортски сали

891

Општина Битола продолжува со активностите за подобрување на спортската инфраструктура во Општината. За проектите што беа најавени кон крајот на минатата година, веќе се финализира документацијата, а оваа недела се очекува да започнат и работните активности на терен, за реконструкција на салата во Бистрица.

Со новото проектно решение, треба да се изврши реконструкција на покривната конструкција, која моментално е целосно урната, и ќе се уреди внатрешниот простор согласно со проектното решение, односно да добие двовисински простор – приземје со површина од 280 квадратни метри каде што ќе се одржуваат спортски активности и ќе има помошни простории. Ќе има и галерија со површина од 100 квадратни метри што ќе се користи и како гледалиште за културни манифестации. Вкупната вредност за реализација на овој проект изнесува 37.599.996 денари.

Покрај ова, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, одржа работни средби со директорите на основните училишта „Стив Наумов“ од Битола и ПУ „Даме Груев“ од Долно Оризари, каде што ќе се градат две типски спортски сали со површина од 660 квадратни метри.

За двете локации се изработени програми за изградба, кои се основа на урбанистичка документација и основа за одобрување на основните проекти.

Типските проекти се со фази: архитектонски, градежноконструктивен, електротехнички, термотехнички проект, ППЗ, мислење за проектираниот степен на механичка отпорност и други елаборати.

Градоначалникот Коњановски нагласи дека, покрај изградбата на трите спортски сали, локалната самоуправа веќе подготвува и реконструкција на девет спортски игралишта и терени, сè со цел поддршка и поттикнување на спортскиот и натпреварувачки дух кај учениците и кај младите.

– Со овие проекти, но и со реконструкцијата на девет спортски игралишта во Општината, вложуваме во спортот, здравите навики и во развојот на младите. Нашата визија е Битола да стане град што ќе нуди современи услови за спорт и рекреација на сите генерации – истакна Коњановски.

 

ИЗДВОЕНИ