Обесштетување од пет проценти од проценетата штета е износот што наскоро ќе го добијат домаќинствата погодени во елементарни непогоди, во повеќе македонски општини, во изминатиов период. Овој процент бил определен на неодамнешната владина седница откако претходно, по општините, работеле комисиите за процена на претрпените штети. Министерот за земјоделство и шумарство, Цветан Трипуновски, на својот профил на социјална мрежа „Фејсбук“ објави дека Владата, на седницата одржана во вторникот, донела одлука за обезбедување парична помош.
– На владина седница се разгледа и усвои информацијата за вкупниот извештај на Комисијата за процена на утврдување на висината на штетата од природни непогоди и други несреќи. Владата донесе одлука со што се обезбеди парична помош за обесштетување од 5 проценти за следниве 8 општини: Валандово, Ресен, Крива Паланка, Велес, Кавадарци, Пробиштип, Македонски Брод и Кичево – објави министерот Трипуновски.
Тоа значи дека погодените домаќинства ќе добијат по пет проценти од вкупно проценетата штета што ја доживеале на своите имоти. Најмногу се работи за семејствата чии домови најмногу настрадале во поплавите што се случиле кон крајот на минатата и на почетокот од оваа година. Во јануари годинава, голема поплава го зафати Кичево, при што најмногу настрада дел од градот покрај текот на Зајашка Река, која се излеа од коритото и ги поплави улицата „Прилепска“ и куќите околу неа. Поради големата поплава, мораа да бидат евакуирани околу 180 луѓе, кои повеќе недели беа сместени во градската спортска сала и на кои им се даваше храна и друг вид помош. Тешки последици од поплавите на почетокот од годинава имаше и во Ресенско, кога големите дождови предизвикаа поплавувања на селата Горна и Долна Бела Црква, Црев Двор, Езерани, Перово, но и на Ресен. За само четири дена тогаш, наврнаа 167 литри дожд на квадратен метар. Овие подрачја, односно педесетина куќи, беа поплавени и во ноември минатата година, кога во селата Царев Двор и Дрмени се излеаја Болнска и Источка Река. Беа евидентирани поплави и кај селото Долна Бела Црква, по излевањето на Голема Река, како и во другите подрачја во земјава.
По одлуката на Владата, одговорот на прашањето колкаво обесштетување ќе добијат погодените домаќинства од осумте општини зависи од висината на проценетата штета од страна на општинските комисии. Но, искуствата од Општина Битола, кога домаќинствата што биле погодени од земјотресот пред четири години добиле симболични суми, не даваат надеж дека државната помош ќе биде доволна за санирање на штетите. Во февруари годинава, погодените битолчани, на кои им беше исплаќана владина помош од 5 проценти од проценетата штета, добиваа по 200-300, ретко 1.000 денари помош. Тогаш беше објаснето дека Владата, на седницата во октомври 2024 година, донела одлука на погодените 2.435 физички и правни лица, од вкупно проценетата штета од 35.690.926 денари, да им се исплатат само 1.784.546 денари. Односно, во просек, по 732 денари. Незадоволните битолчани тогаш изјавуваа дека со тие пари „не може да купат ни канта боја“.
Весникот ВЕЧЕР тогаш го актуализираше проблемот со ниското обесштетување на погодените домаќинства. Од државната Дирекција за заштита и спасување тогаш ни објаснија дека долгото чекање и ниските суми за обесштетување се должат на лошото функционирање на локалните власти.
– Општините се оние што се најнадлежни кога е во прашање справувањето со последиците од елементарните непогоди. Секоја општина треба да има годишен план и процена за елементарни непогоди што може да се случат на нивните подрачја. Треба да имаат и план за заштита и спасување, но и посебен годишен буџет од кој, по елементарната непогода, ќе ги обесштетуваат погодените домаќинства. Но, не се случува тоа во реалноста. Пред четири години правевме контрола дали 80 општини го имаат тоа и излезе дека половина од нив воопшто го немаат. Оние што имале некакви буџети за тоа, ги пренамениле парите за нешто друго, не ги чувале за „не дај Боже“ – објаснија од ДЗС.
Поради ова, се доаѓа во ситуација општинските списоци со претрпените штети да се испраќаат до Владата за таа да изврши исплата на пари како обесштетување.
– Владата, според нашите прописи, воопшто не е обврзана за исплата на вакви обесштетувања, туку општините. Но, Владата најчесто ја прифаќа таквата обврска за колку-толку да им се помогне на луѓето. И на крајот, на некоја владина седница се носи одлука на настраданите граѓани да им се исплатат 5 или 10 проценти од причинетата штета. А тоа воопшто не е доволно, малку е и предизвикува незадоволство кај граѓаните и во јавноста – е објаснувањето од Дирекцијата за заштита и спасување. (Б. Ѓ.)
Фирмите и сточарите му помогнаа на настраданиот Никола Колев да го обнови стадото
Со помошта од одговорни фирми и од сточари од разни краишта на земјава, сточарот Никола Колев од струмичкото село Костурино ги обнови уништениот објект и загубеното стадо од 120 јагниња и 100 овци. Тој доживеа голема штета во поплавите што го зафатија струмичкото подрачје во јануари годинава.
– Со здравје да го користи новоизградениот објект, како и сточниот фонд што го доби благодарение на солидарноста на сточарите од цела држава. Објектот е изграден со помош на општествено одговорни компании од овој дел и пошироко, нормално помогна и локалната самоуправа со механизација во делот на расчистувањето на речните корита – изјави денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, кој го посети Колев.












