Во светот на Формула 1, каде што стабилноста и довербата често се клучни за успех, веста за заминувањето на Џанпјеро Ламбијазе од Ред бул рејсинг е голем шок. Еден од најблиските соработници на Макс Верстапен одлучи да затвори едно поглавје и да започне ново – во тимот на Мекларен.

Според странските медиуми, Ламбијазе ќе го напушти Ред бул на крајот од 2027 година, откако се согласи за договор од повеќе милиони фунти со британскиот тим. Овој инженер не беше само уште еден член на тимот. Тој беше гласот во слушалката на Верстапен, човекот што донесуваше клучни одлуки во најнапнатите моменти од трките и некој кому Холанѓанецот безрезервно му веруваше.

Нивната соработка трае од мај 2016 година. Тогаш Верстапен беше промовиран во главниот тим на Ред бул, а токму Ламбијазе беше покрај него во текот на еден од најважните моменти од неговата кариера.

Резултатот од таа соработка е четири светски титули! Затоа ова заминување има особена тежина. Бидејќи не е загубен само експертот туку и хемијата што се градеше меѓу возачот и инженерот со години.

Според холандскиот весник „Де Лимбургер“, Мекларен ја добил битката за Ламбијазе пред конкурентите како Астон Мартин и Вилијамс.

Извори блиски до ситуацијата тврдат дека понудата била едноставно премногу добра за да се одбие. Мултимилионскиот договор јасно покажува колку сериозно Мекларен го сфаќа овој потег.

И ова не е изолиран случај. Мекларен систематски „краде“ луѓе од Ред бул веќе некое време. Роб Маршал пристигна порано, а потоа Вил Кортни, кој моментално е спортски директор. Сега му дојде редот на еден од најважните луѓе во близина на Верстапен. Овој потег би можел да има пошироки последици за Холанѓанецот, кој сè почесто најавува заминување од Ред бул, па и од Формула 1.

Од друга страна, Ред бул се соочува со познатиот проблем: заминување на клучните луѓе. Со години, тимот од Милтон Кинс губи важни личности од конкуренцијата. Ова заминување доаѓа по веќе сериозните промени. Легендарниот дизајнер Адријан Њуи го напушти тимот и се пресели во Астон Мартин. Долгогодишниот советник Хелмут Марко, исто така,повеќе не е дел од структурата, како и спортскиот директор, Џонатан Витли.

Голем земјотрес се случи и на врвот. Поранешниот шеф на тимот, Кристијан Хорнер, беше отпуштен и заменет со Лоран Мекис.

 

ИЗДВОЕНИ