четврток, октомври 22, 2026
Дома СВЕТ Сериозен безбедносен аларм: Што е PHP, поради кој се затворија милиони веб...

Сериозен безбедносен аларм: Што е PHP, поради кој се затворија милиони веб страници?

0

Владите и некои од најголемите светски компании, меѓу кои и „Амазон“, забрзано работат на заштита на своите системи по откривањето критични безбедносни пропусти во сајбер-безбедноста.

Пропустите се наоѓаат во програмскиот јазик PHP, на кој се базираат голем број интернет-страници. Компанијата за сајбер-безбедност „Виз“ проценува дека се засегнати „околу 70 проценти од интернетот“, но Би-Би-Си наведува дека не може независно да го потврди овој податок.

Неколку европски земји привремено исклучија одредени јавни интернет-услуги од претпазливост, а и Википедија исклучи делови од својата интернет-страница.

Овие мерки се во согласност со препораките на повеќе влади, меѓу кои и американската, според кои интернет-страниците треба привремено да бидат исклучени доколку безбедносните пропусти не можат веднаш да се отстранат.

„Виз“, една од компаниите чии истражувачи ги открија ранливостите, ги опишува овие пропусти како „најсериозните“ досега откриени со помош на вештачка интелигенција (ВИ). „ОпенАИ“, чија технологија била користена при откривањето на пропустите, го оцени откритието како „еден од најзначајните безбедносни проблеми во последно време“.

Британската влада соопшти дека работи на утврдување на потенцијалната изложеност на овие безбедносни пропусти.

Што е PHP?

PHP (Hypertext Preprocessor) е програмски јазик што се користи за функционирање на голем број интернет-страници со кои корисниците секојдневно се среќаваат. На PHP се потпираат многу платформи, вклучувајќи ги интернет-продавниците, Википедија и WordPress – систем за управување со содржини што се користи за изработка на бројни интернет-страници, како што се блоговите.

Кога ќе посетите страница како Википедија, PHP е програмскиот јазик што ги собира потребните информации и ги прикажува во форма што можете да ја прочитате преку интернет, објаснува за Би-Би-Си Пол Спејн, извршен директор на компанијата „Горила сајбер секјурити“.

Сепак, поради безбедносниот пропуст што може да им овозможи на напаѓачите да преземат контрола врз погодените веб-сервери без каква било автентикација и да украдат чувствителни податоци, сè што е изградено врз PHP се најде во потенцијална опасност.

Пол Спејн предупредува дека вештачката интелигенција би можела да ги олесни и забрза ваквите напади. Според неговата процена, пропустот би можел да влијае врз „милиони и милиони“ интернет-страници.

Истражувачите користеле напредни алатки за вештачка интелигенција што можат да анализираат програмски код и да откриваат безбедносни пропусти значително побрзо од луѓето или постарите системи.

Деталите за откритието протекоа на интернет во текот на оваа недела, по што програмерите на PHP забрзано објавија информации за безбедносниот пропуст и неговите огромни размери.

Овој инцидент „покажува како вештачката интелигенција може да открива безбедносни пропусти“, но и како може „да им помогне на напаѓачите брзо да развијат алатки за напади и начини за искористување на ранливостите“, наведува „ОпенАИ“, компанијата што стои зад ChatGPT, во објава на својот блог.

Што можат да направат напаѓачите со искористување на овие пропусти?

Безбедносните пропусти откриени во програмскиот јазик PHP би можеле да му овозможат на напаѓачот „да вметне сопствен код на веб-серверот“ и „во суштина да прави што сака“, објаснува Алан Вудворд, професор во Центарот за сајбер-безбедност на Универзитетот во Сари.

Во изјава за емисијата „Тудеј“ на радиото Би-Би-Си 4, тој посочи дека тоа би можело да вклучува кражба на лични податоци, пристап до други делови од мрежата или инсталирање скриен механизам за пристап (backdoor), кој би му овозможил на напаѓачот повторно да влезе во системот во иднина.

Говорејќи за сериозноста на проблемот, Вудворд проценува дека би можеле да бидат погодени „околу 30 милиони интернет-страници“.

ИЗДВОЕНИ