Патронатот на ООУ „Петар Поп Арсов“ годинава беше одбележан во духот на хуманоста, сплотеноста и љубовта што ги поврзува генерациите.
На иницијатива на градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и поранешни ученици од некогашното ООУ „Иван Горан Ковачиќ“, патронатот помина со посебен хуманитарен музички настан под мотото „Од ИГК со љубов за ППА“.
-Настанот покажа дека училиштето е простор во кој се создаваат пријателства, се градат спомени и се негува чувството на припадност – соопштија од Општина Карпош, додавајќи дека за одличната атмосфера се погрижиле неколку поранешни ученици на училиштето, кои сега се докажани музичари, меѓу кои Мартина Христовска, Гуру Харе, Петар Ренџов – Пепи и други музички имиња.
-Посебна убавина на настанот му даде присуството на поранешните ученици и наставници, кои со љубов се вратија во своето училиште, повторно да се сретнат со старите пријатели и ученици, да споделат спомени и да бидат дел од една благородна иницијатива. Постарите генерации со своето присуство и поддршка застанаа зад новите и идните генерации, обединети околу заедничката желба да придонесат за подобри услови за растење, развој и образование на младите – информираат од Општина Карпош, нагласувајќи дека со музика, насмевки, искрени средби и големо срце, патронатот на ООУ „Петар Поп Арсов“ испратил порака дека заедништвото е најголемата сила, а хуманоста е вредност што треба да се негува.












