Со полни сместувачки капацитети и со задоволни посетители помина четиридневниот продолжен викенд во Дојран, кој домашни, но и странски туристи го посетија токму за Велигден.
Угостителите и хотелиерите, но и издавачите на приватно сместување, велат дека се задоволни од посетеноста и доколку временските услови се поволни, очекуваат побројни посети на Дојран и во наредните викенди.
– Во изминатите четири дена имавме околу 80 до 90 проценти исполнетост на хотелиерското сместување, а стандардно сме полни и во ресторанскиот дел, велат од еден од хотелите во Стар Дојран.
Викендов, низ преполните паркинзи во централното подрачје на Дојран, можеа да се забележат посетители од повеќе градови, кои најчесто беа од Струмица, Радовиш, Валандово, Штип, како и сопствениците на викендички од главниот град, а имаше туристи и од соседна Грција и Бугарија.
Посетителите го искористија убавото време за спортска рекреација по патеката покрај Дојранското Езеро, на шеталиштето во центарот на градот, како и за прошетка во градскиот парк.
Во угостителските објекти се бараше место повеќе за да се проба вкусната дојранска храна, посебно специјалитетите од риба по кои Дојран е најпознат.












