недела, јуни 14, 2026
Дома СВЕТ Украина и Молдавија ги почнуваат преговорите со ЕУ, Балканот повторно во втор...

Украина и Молдавија ги почнуваат преговорите со ЕУ, Балканот повторно во втор план

47
EPA/IDA MARIE ODGAARD DENMARK OUT

Европската Унија утре ги почнува формалните преговори за членство со Украина и Молдавија, откако новата влада на Унгарија ја повлече блокадата. Кипар, кој во моментов претседава со Советот на Европската Унија, соопшти дека земјите-членки постигнале договор за заеднички став во врска со првата фаза од преговорите, со што се комплетирани сите неопходни подготовки.

Во првиот преговарачки кластер двете земји мора да покажат дека нивниот правосуден систем и јавната администрација одговараат на стандардите на ЕУ. Процесот на пристапни преговори е тематски поделен на шест сегменти (кластери) со вкупно 33 таканаречени поглавја за кои се преговара.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку социјалните мрежи им се заблагодари на партнерите во ЕУ.

„Украина го прави она што е потребно, и важно е што и ЕУ си го држи својот збор“, напиша тој. Украинскиот претседател додаде дека почетокот на преговорите претставува „значајна политичка и морална поддршка за државата и украинскиот народ“.

Претседателката на Молдавија, Маја Санду, исто така ја поздрави одлуката со објава на Х, пишувајќи: „Ние ја завршивме работата и ќе продолжиме да спроведуваме реформи“.

ЕУ официјално ги почна пристапните преговори со Украина и Молдавија во јуни 2024 година, но отворањето на првата фаза од разговорите со Киев беше блокирано од унгарското вето. Процесот почна повторно да се движи напред по изборниот пораз на поранешниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, во април.

Новиот унгарски премиер, Петер Маѓар, минатата недела соопшти дека е постигнат договор со Киев за зајакнување на правата на етничкото унгарско малцинство во соседна Украина. Маѓар претходно го постави ваквиот договор како услов за да даде согласност за почеток на преговорите за членство на Украина во ЕУ.

ИЗДВОЕНИ