Полицијата во бразилската сојузна држава Параиба ги преиспитува нерешените случаи на убиства откако 33-годишниот Џорлан Лопес да Силва за време на испрашувањето изјавил дека убил приближно 80 луѓе.
Таа бројка сè уште не е официјално потврдена; засега, доказите го поврзуваат осомничениот со 16 убиства извршени во период од околу три месеци во долината Мамангуапе, според бразилскиот медиум „Глобо“ (Globo).
Истражителите повторно ќе ги разгледаат нерешените случаи за да проверат дали постојат информации што би можеле да го поврзат Лопес да Силва со други убиства.
„Тоа е многу значајна бројка. Веруваме дека, ако не е точно таа бројка, тогаш е нешто многу блиску до неа“, изјави детективот Даглас Гарсија.
Лопес да Силва беше уапсен на 13 септември во општината Мулунгу.
Според полицијата, тој се обидел да побегне облечен во фустан и со перика, женски сандали, очила за сонце и лак на ноктите.
Кога полицијата го лоцирала, тој носел дете старо околу две години со кое немал никакви семејни врски. Според полицискиот извештај, осомничениот подоцна го напуштил детето; полицијата исто така го идентификувала преку тетоважа.
Сè уште се истражуваат околностите под кои детето дошло во негово владение, пренесува „Танјуг“.











