Во „Чифте амам“, вечерва (20 август) во 20 часот, ќе се отвори јубилејната изложба под наслов „Деведесет години од раѓањето на Јован Петров“, посветена на творештвото на македонскиот уметник и конзерватор. На свеченото отворање ќе биде промовирано и печатеното јубилејно-монографско издание за уметникот.

Јован Петров (с. Бегниште, Тиквешко, 1936 – Скопје, 2011) е македонски сликар, конзерватор и реставратор, автор кој со своето разновидно творештво и исклучителна конзерваторска дејност оставил траен белег во историјата на македонската уметност. Во текот на својата кариера работел на конзервацијата и на реставрацијата на голем број икони, штафелајни слики и фрескоживописи, меѓу кои и оние во црквата „Св. Пантелејмон“ во Нерези, црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, како и на бројни други споменици на културата од исклучително значење. Од 1969 година бил член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Автор е на бројни стручни трудови посветени на македонскиот фрескоживопис и конзерваторската практика, како и текстот „Стара црква и фрескоживопис во манастирот ’Св. Јоаким Осоговски’“, објавен во весникот „Нова Македонија“. Во 1980 година, „Филмски новости“ од Белград снимиле документарен прилог за неговата конзерваторска работа во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, кој бил прикажуван во југословенските кина. Истата година бил одликуван со Орден на трудот со сребрен венец, што му го доделил претседателот на СФР Југославија за особени заслуги во областа на конзервацијата. Особено важно место во неговото творештво зазема живописувањето на Архиепископскиот соборен храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

– Паралелно со својата конзерваторска работа, Петров интензивно се занимавал и со сликарство. Со своето разновидно творештво и исклучителна конзерваторска дејност оставил траен белег во историјата на македонската уметност. Неговото дело претставува значајна синтеза на сликарската креативност, научноистражувачката работа и заштитата на културното наследство, поради што денес се вбројува меѓу најзначајните македонски уметници и конзерватори од втората половина на XX и почетокот на XXI век. Карактеристична за творештвото на Јован Петров е длабоката емотивна конотација, рефлектирајќи ги внатрешната уметничка филозофија и културната меморија на просторот од кој потекнува, користејќи ја конзерваторската практика за да изгради сопствена филозофија на сликање со длабоки етички и естетски корени во сопствената почва, посочува Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос.

Изложбата, која за отворена ќе ја прогласи директорот на Националната Галерија, Али Синани, а на која обраќање ќе има Маја Крстевска, виш кустос, јавноста ќе може да ја посети до крајот на август.

ИЗДВОЕНИ