понеделник, јули 6, 2026
Дома БАЛКАН Туристите во Грција ова лето нема да бидат пречекани со „надуени“ цени...

Туристите во Грција ова лето нема да бидат пречекани со „надуени“ цени во маркетите

5

Грчката влада постигна договор со големите трговски синџири и производителите на храна со кој во текот на летните месеци нема да има нови поскапувања на производите во супермаркетите. Мерката е дел од напорите за ограничување на инфлацијата во период кога земјата бележи најголема туристичка посетеност и зголемена потрошувачка.

Договорот беше постигнат на средба меѓу премиерот Киријакос Мицотакис, министерот за развој Такис Теодорикакос и претставници на прехранбената индустрија и трговските компании.

Според грчката влада, трговците се обврзале да ги задржат актуелните цени во текот на туристичката сезона и да не воведуваат нови поскапувања, со цел да се обезбеди ценовна стабилност и за граѓаните и за милионите туристи кои летово ќе престојуваат во земјата.

Договорот опфаќа околу 2.000 производи за широка потрошувачка, чии цени веќе беа намалени во претходниот период. Просечното намалување изнесува околу шест проценти, а компаниите се обврзале тие пониски цени да останат во сила најмалку во следните два месеца.

Од грчката влада најавуваат дека ова е првата мерка во пошироката стратегија за намалување на трошоците за живот. За септември е најавен нов пакет мерки, кој ќе биде дел од национален договор со бизнис-секторот за дополнително намалување на ценовните притисоци.

Со оваа иницијатива, властите се надеваат дека ќе го ублажат влијанието на инфлацијата, ќе ја зачуваат куповната моќ на граѓаните и ќе обезбедат стабилни цени во периодот кога потрошувачката традиционално е највисока поради летната туристичка сезона.

ИЗДВОЕНИ