Британскиот министер за одбрана Ден Џарвис го посети Исланд во услови на „растечки руски закани“ додека НАТО за прв пат спроведува операции за воздушна одбрана од европски носач на авиони.
Џарвис ги посети британските сили на бродот на Кралската морнарица HMS Prince of Wales, кој е распореден во близина на Исланд под команда на НАТО, со авиони F-35 кои за прв пат спроведуваат операции за воздушна одбрана од носачот.
Министерството за одбрана соопшти дека посетата доаѓа во време кога елитните британски војници за прв пат ја преземаат командата врз силите за специјални операции со висока подготвеност за „да помогнат во заштитата на сојузниците на НАТО од растечките руски закани“.
„Треба да бидеме свесни за фактот дека заканата од Русија постои во секој домен – под вода, на вода, на копно, на небото, во вселената и во киберпросторот“, рече Џарвис.
Зборувајќи за трошоците за одбрана на земјите од НАТО, тој потврди дека „САД се делумно во право“ и дека „Европа мора да преземе чекори“.
– Мораме да ги испочитуваме обврските што ги презедовме кон нашите сојузници во НАТО. Токму затоа, до 2035 година за одбрана ќе издвојуваме 3,5 отсто од БДП – додаде тој.
Џарвис изјави дека веројатниот следен премиер Енди Бурнам „ја разбира важноста на одбраната на нашата нација“ и ќе се погрижи „да ги имаме потребните ресурси за да ја зачуваме безбедноста на земјата“.
За време на посетата, министерот за одбрана беше придружуван од исландската министерка за надворешни работи, Торгердур Катрин Гунарсдотир.
Британското Министерство за одбрана посочи дека Исланд обезбедува „клучна поддршка за сојузничките сили кои дејствуваат од негова територија, при што оваа блиска соработка ја засилува безбедноста во Северен Атлантик“.












