Убедливиот пораз на фудбалската репрезентација на Македонија, на гостувањето во Турција, е тема на интерес и во Босна и Херцеговина. Избраниците на Гоце Седлоски, во понеделникот, одиграа пријателски натпревар во Истанбул кој го завршија со убедлив пораз од 4:0.
„Црвено-жолтите“ не знаат за победа на последните осум натпревари, а на последните четири примија осум погодоци и не постигнаа ниту еден.
Дуелот против Турција привлече внимание и во БиХ поради фактот дека Македонија, изминатиот петок, во Сараево одигра без погодоци против селекцијата која ќе настапи на СП 2026.
За убедливиот пораз во Истанбул пишуваше и познатиот босански портал „Спортспорт.ба“ и тоа со наслов: Нека не ги залажува нулата на Кошево. Турците им покажаа на Македонците каде им е местото.
– Натпреварот се играше на стадионот Фенербахче пред околу 47.000 гледачи, а домашниот тим покажа разлика во квалитетот и го наметна својот ритам од самиот почеток.
Турција поведе во 2. минута кога Кекчу постигна гол, а во 16. минута Узун го дуплираше водството и практично го насочи натпреварот во еден правец.
Не помина сè мазно за домашниот тим, бидејќи Ерен Елмали мораше да го напушти теренот поради повреда во 27. минута, што беше единствениот негативен детаљ од првото полувреме за Турција.
Доминацијата продолжи и во следните минути, а во 53. минута, Ѓул постигна гол за 3:0, дополнително потврдувајќи ја целосната контрола на домашниот тим. Конечните 4:0 ги постигна Јилмаз во 70. минута, со што Турција ја заврши вечерта на импресивен начин.
Ако Северна Македонија имаше неколку свои моменти и се обиде да постигне гол, разликата во квалитетот беше очигледна, а Турција рутински го приведе натпреварот до крај.
Оваа победа дополнително ја зголемува самодовербата на турската репрезентација пред Светското првенство.
Што се однесува до Македонците, тие неодамна одиграа 0:0 против резервниот тим на Босна и Херцеговина на Кошево, но вечерва беа целосно немоќни, пишува во текстот на „спортспорт.ба“.
Веднаш по поразот од Турција, наследникот на Благоја Милевски изјави дека е свесен за фактот дека Македонија не постигнала погодок под негово водство и додаде дека е започнат процесот на создавање нов тим.
–Свесни сме дека веќе четири натпревари не сме постигнале гол и работиме на подобрување на тој сегмент. Игравме против исклучително силни противници и секоја наша грешка беше казнета. Токму затоа мора внимателно да анализираме што не беше добро и да не дозволиме да ни се повторуваат истите пропусти. Создаваме нов тим и за дел од фудбалерите ова е ново искуство. Очекувам сите што ќе добијат повик во репрезентацијата да го дадат својот максимум и да ја оправдаат довербата. Имам јасна слика за секој играч, а во периодот што следува ќе работиме на корекција на недостатоците и подготовка за предизвиците што нè очекуваат, изјави Седлоски.












