Освен тоа, како што обелодени во јавноста скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, ќе се градат и кружни текови на влезот и на излезот од оваа клучна сообраќајница за главниот град.

Станува збор за инвестиција која ќе донесе вистински пресврт во централното градско подрачје, ќе придонесе за значително растоварување на сообраќајниот метеж и ќе овозможи побрзо, побезбедно и пофункционално движење низ центарот на градот – нагласуваат градските власти

 

Во наредните десетина дена ќе започнат градежните активности за поврзување на подземната сообраќајница под „Лимак“ со булеварот „Македонија“, како и изградбата на кружни текови на влезот и излезот од оваа клучна сообраќајница за главниот град.

Ова во јавноста го обелодени скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.

– Започнуваме со втората фаза, односно со изградба на тунелите за поврзување со подземната сообраќајница под „Лимак“, во насока од Центар кон Кисела Вода – истакна тој.

Од Град Скопје наведуваат дека пуштањето во употреба на подземниот булевар „Македонија“ под „Лимак“ е еден од врвните приоритети на Ѓорѓиевски и претставува капитален проект од исклучително значење за Скопје.

–Станува збор за инвестиција која ќе донесе вистински пресврт во централното градско подрачје, ќе придонесе за значително растоварување на сообраќајниот метеж и ќе овозможи побрзо, побезбедно и пофункционално движење низ центарот на градот – нагласија градските власти.

Притоа, додаваат дека во изминатиот период, со интензивна работа, е комплетирана првата фаза од овој проект, која опфати проширување, адаптирање и подготовка на улиците што ќе ја примат очекуваната зголемена фреквенција на сообраќај кон подземната сообраќајница.

– Со забрзано темпо, оваа пролет се работеше на булеварот „Борис Трајковски“, кај Рампа, на улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и на булеварот „Македонија“, кој се поврзува со следните фази од оваа траса – истакнаа градските власти, нагласувајќи дека со реализацијата на овој проект, Скопје добива современо сообраќајно решение кое ќе ја подобри мобилноста, ќе го намали притисокот врз централните улици и ќе овозможи подобра поврзаност.

Од Град Скопје наведоа дека со силна динамика продолжуваат со реализацијата на капиталните проекти што значат подобра инфраструктура, подобра поврзаност и пофункционален град за сите скопјани.

– Паралелно се работи и на клучката „Момин Поток“, булеварот „Борис Трајковски“ од Пинтија кон Драчево, мостот на „Љубљанска“ за поврзување на Бардовци со Карпош, како и мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој овозможува директно поврзување на Аеродром со Гази Баба. Станува збор за проекти кои ја менуваат сообраќајната слика на Скопје и создаваат основа за побрз, побезбеден и помодерен град – сметаат градските власти.

 Најава за 100 електрични автобуси, по трет пат

Освен тоа, првиот човек на градот обелодени дека во понеделникот биле отворени понудите за набавка на електрични автобуси, меѓу кои 100 за Скопје, но не сакаше да открие детали околу тоа.

– Разговарав со министерот за транспорт, Александар Николоски, и се надевам дека третата тендерска постапка за набавка на електричните автобуси ќе биде успешно завршена – рече Ѓорѓиевски.

Тој најави дека наскоро ќе имаат прес-конференција со Николоски, на која ќе бидат кажани сите детали околу тендерот и набавката и изрази уверување дека до крајот на годината, автобусите ќе стигнат.

 Жичницата до Крстот останува надвор од употреба

Воедно, информираше и дека наскоро ќе има тендерска постапка за целосно сервисирање на жичницата на Водно. Ѓорѓиевски уште еднаш нагласи дека до крајот на сезоната, жичницата нема да биде ставена во функција.

– Во скоро време ќе се објави тендерска постапка за  целосно сервисирање на жичницата. Ако ревитализацијата биде целосно  завршена и кога јас ќе бидам безбеден со моето дете да се возам во неа, тогаш ќе дозволам да работи. Во спротивност, нема да дозволам ничиј живот да биде загрозен, на кој било скопјанец или на кое било дете во Скопје, поради несовесноста на службите во минатото – напомени Ѓорѓиевски.

(А. П.)  

ИЗДВОЕНИ