недела, јуни 28, 2026
Дома СВЕТ Трамп удри на Иран: „Нè влечат за нос 47 години – дојде...

Трамп удри на Иран: „Нè влечат за нос 47 години – дојде крајот“

754
Фото: EPA

Во нова објава на социјалната мрежа Truth Social, американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Иран дека со децении се поигрува со САД и со остатокот од светот.

„Иран се поигрува со САД и со остатокот од светот 47 години (одложување, одложување, одложување), а потоа конечно го погодија џекпотот кога Барак Обама стана претседател. Не само што беше добар кон нив, туку беше и одличен, практично премина на нивна страна, ги отфрли Израел и сите нивни други сојузници и му даде на Иран голем и многу моќен нов животен век“, напиша Трамп.

Како што додаде, „стотици милијарди долари и 1,7 милијарди долари во готово, во зелени банкноти, беа донесени со авион во Техеран и им беа послужени на сребрен послужавник“.

„Сите банки во Вашингтон, Вирџинија и Мериленд беа испразнети. Обама беше катастрофа, но не беше толку лош како поспаниот Џо Бајден“, истакна Трамп.

Според него, „имало толку многу пари што кога пристигнале, иранските бандити не знаеле што да прават со нив“.

„Никогаш не виделе толку многу пари и никогаш повеќе нема да ги видат. Парите биле извадени од авионот во куфери и торби, а Иранците не можеле да поверуваат колку имале среќа. Конечно, го пронашле најголемиот наивник од сите, во ликот на слаб и глупав американски претседател. Тој беше катастрофа како наш „лидер“, но не толку лош како поспаниот Џо Бајден. Иранците нè влечат за нос 47 години, нè држат во неизвесност, убивајќи го нашиот народ со бомби, задушувајќи протести, а неодамна убија 42.000 невини, невооружени демонстранти, смеејќи се на нашата сега голема земја. Тие повеќе нема да се смеат“, напомена американскиот претседател.

Трамп неодамна вети дека ќе постигне „многу подобар“ договор со Иран од оној што претседателот Обама го договори пред повеќе од една деценија.

Договорот, познат како нуклеарен договор со Иран од 2015 година, имаше за цел да го спречи Иран да развива нуклеарно оружје. Според договорот, Иран беше должен да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за олеснување од економските санкции.

За време на својот прв мандат, Трамп ги повлече САД од договорот, повторно воведе санкции и со тоа го поттикна Иран значително да ги зголеми своите нуклеарни активности.

ИЗДВОЕНИ