Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека очекува во наредните денови да биде потпишан договор со Иран, истакнувајќи дека „документите се блиску до финализирање“. Зборувајќи со новинарите во Овалната соба на Белата куќа, Трамп рече дека церемонијата би можела да се одржи „некаде во Европа“ и дека ќе присуствува потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.
Според него, Ормускиот теснец ќе биде отворен штом ќе биде потпишан договорот.
„Тоа треба да се случи доста брзо“, рече Трамп. Трамп рече дека тоа е „меморандум за разбирање“, опишувајќи го како многу „силен“ и „детален“.
Како што рече, иранските преговарачи го одобрија нацрт-договорот, а тој изрази надеж дека врховниот лидер ајатолахот Моџтаба Хамнеи го сторил истото.
Тој изјави дека најавената операција за напад на островот Харг повеќе не е „на маса“, пренесува Танјуг.
Тој додаде дека неодамна разговарал со лидерите на неколку земји, вклучувајќи го израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и лидерите на земјите од Персискиот Залив.
Претходно Трамп објави дека ги откажал планираните ракетни напади и бомбардирање на Иран што требаше да се случат синоќа, откако, како што рече, се вклучија највисоките ирански функционери и ги одобрија преговорите со САД. Тој изјави дека поморската блокада на Иран ќе остане „во полна сила“ додека не се заврши „трансакцијата“.
Сепак, иранската Исламска револуционерна гарда изрази сомнеж во врска со последните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп дека „најважните точки“ од договорот со Техеран се одобрени, наведувајќи дека иранските лидери не го потврдиле тоа.
„Факт е дека иранските претставници сè уште не одговориле на тврдењата на Трамп, а Трамп постојано дава контрадикторни и неточни изјави од почетокот на војната“, се вели во соопштението.












